Акцискиот план за малцинствата е готов и неофицијално е усогласен со дваесет и шест земји членки на ЕУ, кажа премиерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека само една држава се противи на документот. На прашање што конкретно се барањата на Бугарија, Мицкоски вели – кога би знаел, ќе дадев одговор.

„Акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт којшто го добивме од страна на Европската комисија. Експерт за човекови права. Имаше две јавни расправи, како ниту една држава што го има направено и, неофицијално ова го кажувам, е усогласен со дваесет и шест земји членки, освен со една. Исто како што таа една е против да бидеме и дел од иницијативата ’Трите мориња’. Тоа е што е“,рече Мицкоски.

Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и на англиски јазик од домашни и меѓународни експерти. Како што соопшти Владата, направен е во блиска консултација со Советот на Европа и Европската комисија и е документ којшто содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции, целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
Во јануари премиерот Мицкоски изјави дека главната забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата е што бил на македонски јазик. Освен Бугарија, како што рече тогаш, ниту една друга држава членка на Европската Унија немала забелешки за овој документ.
На изјавите на Мицкоски реагираше официјална Софија, изразувајќи загриженост за, како што рекоа од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), последните измислени тези од властите во Скопје што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензус од 2022 година“.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија тогаш порачаа дека прашањето на кој јазик ќе биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Скопје, е внатрешно прашање на С Македонија и оти тоа не е тема на билатералните односи.

