Владимир Грчев од Кочани ќе ја претставува Македонија на Светската олимпијада по информатика
Кочани повторно има причина за гордост. Владимир Грчев, еден од најталентираните млади информатичари во земјата, го оствари најголемиот успех во кариерата – пласман во македонскиот тим за International Olympiad in Informatics, IOI 2026. Станува збор за најпрестижната светска олимпијада по информатика, каде настапуваат најдобрите од целиот свет.
Успехот доаѓа само една година по историското европско злато што го освои на EJOI, со кое се вброи меѓу најдобрите информатичари во Европа. Владимир е четирикратен државен првак и веќе пет години по ред е дел од македонските репрезентации. Импресивен е фактот што од ниту еден меѓународен настап досега не се вратил без медал.
Ова лето тој доби покана и за престижен информатички камп во Бремен, Германија, организиран од компанијата JetBrains, каде ќе работи со најталентираните врсници од светот.
Успесите на Владимир се доказ дека Македонија има таленти кои рамноправно се натпреваруваат со светскиот врв. Неговата приказна е инспирација за младите и потсетник дека со труд, знаење и посветеност врвот е достижен.

