🔴 Успешно спроведен проектот „Младински ХАБ Млади исток“ кој обезбедува поддршка за младите претприемачи во Источниот регион
Во Македонска Каменица, на 22. Мај во петок, на завршната прес конференција во Домот на култура, се сумираа резултатите од проектот „Моја идеја наша реализација – Младински ХАБ Млади исток“. Проектот во изминатите осум месеци им даде конкретна поддршка на младите од Источниот регион.

Проектот го спроведе Здружението Надеж од Македонска Каменица, со цел да ги зајакне знаењата и вештините на младите од општините Македонска Каменица, Виница и Делчево за управување со социјални претпријатија.
Во рамките на проектот беше формиран младински ХАБ „Млади исток“, кој ќе продолжи да обезбедува менторство, обуки и поддршка за развој на бизнис идеи раководени од млади. Пет граѓански организации, по изработката на свои Канвас бизнис модели, добија опрема согласно потребите, а во наредниот период се очекува вработување или ангажирање на најмалку пет млади лица.

Во периодот од октомври минатата година до крајот на мај годинава беа реализирани шест работилници. Младите се обучуваа за менаџирање на социјални претпријатија, правни и финансиски аспекти, социјални иновации, изработка на бизнис план и пристап до фондови. Секоја од поддржаните организации доби и менторска поддршка за реализација на својот модел.
Дополнително, беше изработена методологија за мерење на влијанието на поддржаните идеи во заедницата, за да се следи реалниот ефект од проектот.

Проектот е дел од програмата „RAISE CSOs“, која ја спроведува Младински Сојуз Крушево во соработка со Центарот „НОВУС“ и Асоцијацијата „Паблик“, со поддршка на Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество 2022-2023.
Од Здружението Надеж посочуваат дека ХАБ-от „Млади исток“ ќе остане отворен за сите млади кои сакаат да ја претворат својата идеја во одржлив социјален бизнис.

#МладиПретприемачи #направиразлика #ОпштествениПредизвици #иновативнирешенија #RAISECSOs #МакедонскаКаменица #Виница #Делчево

