НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево спроведе редица активности за успешно одбележување на 150 години од Разловечкото востание
Делчево, 22. Мај 2026 година – По повод одбележувањето на 150 години од Разловечко востание, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево како носител на проектот, поддржан од Министерството за култура и туризам и во соработка со Општина Делчево, реализираше низа активности во рамки на програмата за овој значаен јубилеј.
Од установата информираат дека паралелно со организациските активности, беше спроведено целосно уредување и реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание, каде беше поставена нова историска музејска поставка, како активност поддржана од Министерството за култура и туризам.

За изработката на поставката беа ангажирани стручни лица, меѓу кои проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев и кустос-советник д-р Мирјана Нинчовска. Во процесот учествуваа и Управата за заштита на културното наследство, НУ Музеј на Република Северна Македонија, НУ Музеј на македонската борба за самостојност и Музеј на град Берово.
Дополнителна поддршка за конзерваторско-реставраторските активности на Спомен домот обезбеди НУ Национален конзерваторски центар, како носител на проектот.
Од Центарот за култура Никола Јонков Вапцаров, беше упатена благодарност до Владата на Република Македонија, Министерството за култура и туризам, Министерството за одбрана, Генералштабот, Кабинетот на претседателката на државата, како и до пратеникот Драган Ковачки, за нивната институционална поддршка.

Благодарност беше упатена и до бројни институции, културно-уметнички друштва, здруженија, компании, медиуми и граѓани кои придонесоа за достоинствено одбележување на овој најзначаен јубилеј на регионално и државно ниво.
Од НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, посебно се истакнува придонесот на градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, како и на вработените во Општина Делчево и Центарот за култура, кои активно работеа на подготовките на програмата и уредувањето на Спомен домот, со цел одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание да се реализира на високо и достоинствено ниво.


