ВИНИЦА ДОБИ НОВ ЗАТВОРЕН ГРАДСКИ ПАЗАР И ПОВЕЌЕ РЕКОНСТРУИРАНИ УЛИЦИ ВО УРБАНАТА И РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ
По шест месеци интензивни градежни работи, Општина Виница денеска и официјално го доби новиот, модерен затворен градски пазар. Објектот ќе го користат граѓаните од Виница и од околните населени места.
Новиот пазар се простира на 1.810 квадратни метри. Во него има дуќани за овошје и зеленчук, млечни и месни производи, административни простории, санитарни јазли и 87 челични продажни пултови. За изградбата се потрошени 24 милиони денари, целосно обезбедени од Буџетот на Општина Виница.

Паралелно со изградбата, беше уреден и просторот околу пазарот. Поставена е нова метална ограда, хидроизолација, нови тезги, декоративен камен на потпорните ѕидови и клупи за седење. За ова партерно уредување се вложени 8,5 милиони денари – 7 милиони од Министерството за транспорт и 1,5 милиони од општинскиот буџет.
Денеска беше извршен увид и на улицата „Ванчо Прке“, која ја поврзува Виница со Градец. Таму целосно се реконструирани 558 метри водоводна и 543 метри канализациона мрежа. Вредноста на проектот е 11,5 милиони денари, обезбедени од Министерството за животна средина и Министерството за транспорт.

Реконструирана е и главната улица во село Градец во должина од 630 метри, заедно со крак од 220 метри кон селската црква. Станува збор за улица што премиерот ја вети на жителите уште пред да ја преземе функцијата. За овој зафат се обезбедени 7,5 милиони денари преку владиниот повик за инфраструктурни проекти, од Министерството за транспорт.


