Ученици од Македонска Каменица со иновативен проект на Саемот за иновации во Струмица
Ученици од Средното општинско училиште “Миле Јаневски Џингар” од Македонска Каменица, организирани во тимот „Генерација Z“, во периодот од 17 до 19 декември успешно го претставија своето училиште на Саемот за иновации, одржан во хотел „Сириус“ во Струмица.
Настапот беше реализиран во рамки на програмата UP SHIFT, под менторство на професорката по машински предмети Моника Лефковска. Тимот го сочинуваат учениците Матеј Тодоровски, Моника Стоиловска, Лука Цветковски, Бојан Гоцев, Емил Велиновски и Ѓорѓи Џабирски, од машинската струка – профил машински техничар.

Со проектот под мотото „Искористи ме“, учениците презентираа конкретна идеја за пренамена на отпадно железо во нов, функционален и естетски производ, со акцент на одржливи решенија и принципите на циркуларната економија.
Преку својот настап, тимот демонстрираше технички знаења, креативен пристап и одговорен однос кон животната средина, со што достојно ја претстави Македонска Каменица на национален настан од областа на иновациите.

