Градоначалникот Иван Гоцевски денеска присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на урбаната градина во ООУ „Ванчо Прќе“ во Делчево, изградена во рамки на проектот „Зелен баланс – локални акции за здрави заедници“, финансиран од Европската Унија и реализиран од РЦЗ.
Урбаната градина ќе биде на располагање не само за учениците од училиштето, туку и за останатите ученици од општина Делчево, со цел поттикнување на еколошката свест и практичното образование. Во рамки на настанот беше организирана и размена на автохтони семиња, при што беа споделени знаења за нивно правилно садење и одгледување.
Градоначалникот Гоцевски ја истакна важноста на ваквите едукативни и еколошки проекти, кои придонесуваат за развивање здрави навики кај младите и за создавање поодржлива локална заедница.


