Општина Делчево и Црвениот крст потпишаа Меморандум за унапредување на хуманитарните и волонтерските активности
Општина Делчево и Општинската организација на Црвениот крст Делчево денес го потпишаа Меморандумот за соработка, со кој двете страни формализираат заеднички активности насочени кон јакнење на хуманите, општествените и волонтерските програми во локалната заедница. Документот беше потпишан од градоначалникот Иван Гоцевски, во присуство на претседателката на организацијата, Билјана Ѓеоргиевска, и секретарот Ивана Ангеловски.

Со меморандумот се предвидува координирано делување во повеќе клучни области: крводарителството, обуките за прва помош, здравствено-превентивните програми, подготвеноста и реакцијата при катастрофи, како и промоцијата на волонтерството, хуманите вредности и меѓународното хуманитарно право.
Целта на оваа соработка е да се поддржат активности што носат непосредна корист за граѓаните и да се развиваат програми кои поттикнуваат свест, солидарност и одговорност во заедницата. Преку заеднички иницијативи ќе се реализираат крводарителски акции, едукативни кампањи, обуки и волонтерски активности што ќе придонесат Делчево да биде безбедна, хумана и поддржувачка средина.
Градоначалникот Гоцевски нагласи дека соработката не треба да остане само формална, туку да се претвори во активен процес со видливи резултати. „Црвениот крст е организација со која генерации ги поврзуваат хуманоста и довербата, а Општина Делчево секогаш стои зад вредностите што создаваат подобра и посилна заедница,“ истакна тој.
Воедно, градоначалникот изрази благодарност до сите волонтери, крводарители и активисти кои секојдневно ја потврдуваат силата на доброто, нагласувајќи дека потпишаниот меморандум е признание за нивната работа, но и обврска за локалната самоуправа да остане партнер и поддржувач на позитивните процеси во заедницата.

