ОДРЖАНА КО-ДИЗАЈН РАБОТИЛНИЦА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ГРАДСКИОТ ПАРК ВО ВИНИЦА
Во Општина Виница на 04 декември 2025 година се одржа ко-дизајн работилница посветена на уредување и подобрување на Градскиот парк, како дел од програмата URBACT Pioneers Accelerator. Целта на работилницата беше заедничко дефинирање решенија за создавање инклузивни, безбедни и функционални јавни зелени простори.

Работилницата ја водеше Билјана Радоњанин, URBACT локален ментор за Македонија, а активно учество земаа граѓани, млади, претставници на институции и организации. Тие ги споделија своите идеи, потреби и предлози за подобрување на просторот, со што процесот доби силна заедничка димензија.
На почетокот беше презентирано кратко резиме од досегашните активности, меѓу кои се детската работилница „Малите архитекти“, спроведената анкета со граѓаните и првиот состанок со засегнатите страни. Овие активности обезбедија важни сознанија за тоа како граѓаните го користат паркот и со кои предизвици се соочуваат.
Учесниците заеднички го дефинираа и главниот проблем: просторот во Градскиот парк не се користи доволно, пред сè поради ограничена пристапност и недоволна безбедност, што ја намалува неговата инклузивност и го ограничува користењето од различни групи.
Преку ко-дизајн алатки, како Дрво на проблеми, Идентификација на корисници и т.н. „Како можеме ние?“ (HMW) прашања, учесниците ги анализираа причините, последиците и потребите на корисниците. На крајот беше формулирано финално водечко прашање:
„Како можеме ние да го уредиме неискористениот дел од Градскиот парк за деца, млади, семејства, лица со попреченост и возрасни лица, со цел да се дружат, спортуваат, играат и да поминуваат квалитетно слободно време?“
Ова прашање ќе претставува основа за развој на идејни решенија и конкретни интервенции во следните фази од проектот.
Во претстојниот период, Општина Виница и URBACT тимот ќе продолжат со активности за вклучување на заедницата преку нови работилници, теренска работа и консултации, со цел креирање одржлив и широко поддржан концепт за подобрување на Градскиот парк.
