Македонска Каменица, 29. Ноември 2025 година – Општина Македонска Каменица продолжува со спроведување на Буџетските форуми за креирање на Буџетот за 2026 година, како дел од процесот за поголема транспарентност, отчетност и вклучување на јавноста во буџетското планирање. Форумите се одржуваат со интерес кај граѓаните, кои активно изнесуваат идеи, барања и предлози за решавање на приоритетните проблеми во своите средини.

Досега се реализирани форумски средби со жителите на повеќе рурални средини, меѓу кои Тодоровци, Луковица, Дулица и Косевица, а одржани беа и посебни сесии со бизнис-заедницата, невладиниот сектор, како и онлајн форум првенствено наменет за иселениците од Македонска Каменица.
„Целта на Буџетските форуми е секој граѓанин да има можност да учествува во формирањето на буџетските приоритети и да придонесе кон подобрување на условите за живот во нашата општина,“ – изјави градоначалничката Соња Стаменкова, нагласувајќи дека ваквата практика веќе дава видливи резултати во насока на отворено и инклузивно креирање на локалните политики.

Во текот на сесиите, присутните се запознаваат со реализацијата на буџетот за тековната година и имаат можност за непосредни предлози на развојни насоки за Буџетот 2026. Локалната самоуправа истакнува дека секој предлог се разгледува со сериозен пристап и согласно реалните можности.
„Ги охрабрувам сите жители, здруженија и бизниси активно да се вклучат, нивниот глас е клучен во донесувањето решенија кои ја определуваат иднината на Македонска Каменица,“ – додаде Стаменкова.

Буџетските форуми продолжуваат и во наредните денови, со цел поголема застапеност на сите категории граѓани во процесот на буџетско планирање.

