ОО ЦРВЕН КРСТ ДЕЛЧЕВО СПРОВЕДЕ ВРСНИЧКИ ЕДУКАЦИИ ВО НОЕМВРИ КАКО МЕСЕЦ НА БОРБА ПРОТИВ ЗАВИСНОСТИ
Во рамки на националната кампања „Ноември – Месец на борба против зависности“, изминатата недела беа реализирани низа едукативни активности насочени кон превенција кај младите во Делчево и Македонска Каменица.
Во основните училишта „Св. Климент Охридски“ во Делчево и „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица се одржаа врснички едукации со учениците од деветтите одделенија. Преку интерактивни дискусии, младите имаа можност да се запознаат со ризиците што ги носат различните видови зависности, како и со начините за донесување здрави и информирани одлуки.
Паралелно со училиштните активности, во просториите на Црвениот крст беше организирана панел-дискусија посветена на младинската превенција. Учесниците отворено разговараа за предизвиците со кои се соочуваат, потребата од навремена поддршка и значењето на едукацијата во спречувањето на ризични однесувања.
Од организаторите порачуваат дека активностите ќе продолжат и во наредниот период со цел да се обезбеди побезбедна, посигурна и поздрава младина.


