Македонска Каменица, 27. Ноември 2025 година – Надлежните институции ја информираат јавноста дека во петок, 28 ноември 2025 година, ќе се спроведе редовно тестирање на системот за тревожење на територијата на општина Македонска Каменица. Тестот ќе го реализира во согласност со законските прописи за одржување и проверка на безбедносните системи.

Тестирањето ќе се одвива од 12:00 до 12:30 часот, кога накратко ќе бидат активирани сите сирени поставени од индустрискиот круг на рудникот, па сè до градот, долж течението на Каменичка Река. Целта е да се потврди исправноста и функционалноста на системот инсталиран од Рудникот САСА, кој служи за навремено предупредување на населението во случај на природни или други непогоди.
Надлежните појаснуваат дека станува збор за редовна техничка проверка и дека граѓаните немаат причина за загриженост.
„Ова е исклучиво тестирање на системот и се спроведува со цел навремено откривање и отстранување евентуални технички недостатоци. Подготвеноста на алармниот систем е од клучно значење за заштита на населението,“ се наведува во соопштението.
Институциите упатуваат благодарност до граѓаните за разбирањето и поддршката во одржувањето на стабилен и ефективен систем за безбедност.
