Министерот за локална самоуправа Златко Перински во работна посета на Општина Виница
Во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ја посети Општина Виница, каде што оствари повеќе активности и работни средби.

Градоначалникот Митко Костадиновски и министерот Перински одржаа работна средба посветена на унапредување на функционирањето на локалната самоуправа. Разговорите беа насочени кон тековните предизвици, можностите за институционална поддршка и иницијативите за подобрување на услугите за граѓаните. Општината, како што беше истакнато, продолжува активно да работи на развој на локалните политики во партнерство со надлежните институции.
Во рамки на посетата, министерот се сретна и со членовите на Советот на Општина Виница во салата за одржување на седници. Потоа ја посети и установата „Теракота“ – историскиот и археолошки музеј на Виница, каде што се запозна со богатото културно наследство на градот.

Посетата заврши со увид на терен во тековните градежни активности што се реализираат преку проектот „Да ја поканиме природата во нашите градови“. Проектот се спроведува во рамки на програмата за меѓугранична соработка Interreg (VI-A) ИПА помеѓу Бугарија и Македонија, по Приоритет 1: Позелен пограничен регион.

