Денес, претставници на македонската дијаспора во Република Италија учествуваа на онлајн состанок организиран од Министерството за надворешни работи на Македонија, посветен на изработката на „Стратегијата за соработка со дијаспората 2025–2030“.
Во дискусијата активно се вклучија:
Венко Трпески, претседател на МКД „Св. Кирил и Методиј“ – Трентино,
Наташа Наумоска од МКД „Т’га за Југ“,
и Ацо Појразов од здружението „Унити пер ил футуро“.
Од името на македонската заедница во Италија, учесниците ја изразија својата благодарност за можноста да се вклучат во процесот на консултации и да придонесат со конкретни предлози и согледувања.
Меѓу клучните теми што беа истакнати се:
- Потребата од взаемно признавање на возачките дозволи меѓу Република Македонија и Република Италија, со цел да се избегнат административни тешкотии и непотребни трошоци за граѓаните кои живеат и работат во Италија.
- Проблемот со признавањето и поврзувањето на работниот стаж остварен во двете држави, што е особено важно за лицата кои се приближуваат до пензиски стаж.
- Потребата од подобра транспортна поврзаност, преку воведување на авионски линии од Верона и Тревизо до Охрид, што има значење не само за дијаспората, туку и за економско-туристичкиот развој на регионот. Во моментов, најголемиот дел од нашите граѓани патуваат преку соседните држави, со што индиректно се полни нивниот буџет.
- Иницијативата за формирање македонски сојуз на здруженијата во Италија, со цел поголема координација, заеднички настап и институционално претставување на нашата заедница.
„Нашата дијаспора во Италија останува активен партнер и е подготвена да даде свој придонес во секоја иницијатива која ќе го олесни животот на нашите граѓани во странство и ќе ја зајакне врската со татковината,“ изјави Венко Трпески, претседател на МКД „Св. Кирил и Методиј“ – Трентино, во име на претставниците на македонската заедница во Италија.
Соопштението е подготвено во име на претставниците на македонската дијаспора во Република Италија.
10 ноември 2025 година
Извор: Публицитет.мк

