Со новиот концепт за поврзување на културата и туризмот даваме нова енергија за одржлив развој на овие две јавни дејности во општина Делчево.

НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево веќе работи на нова структурирана годишна програма за поддршка и развој на културата и туризмот во Делчево за 2026 година.
Горди сме што можеме да ја најавиме интензивната соработка на нашата институција со Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски во интерес на подигање на нивото на културните вредности во јавниот живот во Делчево.
Како и до сега НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево ќе биде носител на најголемиот фонд на настани, манифестации и дејности од културата, но со особен фокус на квалитетот на содржините од сите жанрови за сечиј вкус на публиката и граѓаните во Делчево.
Во однос на капиталните инвестиции за 2026 година на Македонската Влада и Министерството за култура и туризам со гордост можеме да истакнеме дека е во финална фаза изборот на изведувач за реконструкцијата на Спомен Домот на Разловечкото востание во пресрет на одбележувањето на 150 годишнината од кревањето на востанието која ќе се реализира во месец мај наредната година.
Реконструкцијата на овој значаен објект во село Разловци подразбира доведување во оригиналната архитектонска форма проектирана од македонскиот прочуен архитект Георги Константиновски, како и целосно опремување на Спомен домот на Разловечкото востание.
Со тоа конечно селото Разловци, општина Делчево и нашата држава добива мултифункционален репрезентативен објект кој доликува на историската вредност на Разловечкото востание од 1876 година.


