Делчево, 30. Октомври 2025 година – Новоизбраниот градоначалник на Општина Делчево, Иван Гоцевски, ја назначи д-р Адријана Илиевска-Велковски, член на Советот на Општината, за заменичка-градоначалник. Таа ќе ја врши функцијата градоначалник во случаи на спреченост или подолготрајно отсуство, согласно законските одредби. За времето додека ја извршува оваа функција, ѝ мирува мандатот како член на Советот.
Д-р Илиевска-Велковски е специјалист по рендгенологија и докажан професионалец во својата област, како и активен член на новиот состав на Советот на Општина Делчево.

Градоначалникот Гоцевски на средбата со неа го потенцираше значењето на фактот дека Делчево првпат добива жена на оваа одговорна позиција. Тој нагласи дека назначувањето има важно симболично, општествено и практично значење во контекст на еднаквите можности и родовата рамноправност.
„Ова е чекор кон праведно и современо општество, рамноправна демократија и силна порака дека мажите и жените имаат еднаква улога и одговорност во креирањето на локалните развојни процеси“, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека Општина Делчево ќе продолжи да создава услови за инклузивно и демократско општество, во кое стручноста и компетентноста ќе бидат клучните критериуми за вршење на јавна функција.

„Очекувам од заменичката-градоначалник максимална посветеност, одговорност и работа во служба на граѓаните на Делчево“, порача градоначалникот Иван Гоцевски.

