Градоначалникот Атанасовски: Инвестираме во инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонска Каменица
Македонска Каменица продолжува со реализација на значајни инфраструктурни и еколошки проекти, со цел унапредување на урбаното и руралното живеење во општината. Градоначалникот Димчо Атанасовски истакна дека тековните активности опфаќаат повеќе сектори, од уредување на јавните површини до подобрување на водоводната инфраструктура.
– „Продолжуваме со посветено работење за унапредување на урбаното и руралното живеење во Македонска Каменица преку реализација на повеќе инфраструктурни и еколошки активности“, изјави Атанасовски.

Во рамки на овие активности, започна кроењето на зимзелените дрвца и листопадните дрвореди за почист и поубав јавен простор во урбаната средина. Паралелно, во село Тодоровци се гради нов крак од секундарната водоводна мрежа, додека во Павлиш Дол се инсталираат нови приклучоци за вода, што значително ќе го подобри водоснабдувањето за жителите.
Јавното претпријатие „Камена Река“ спроведува акција за цветно разубавување и хортикултурно уредување на јавните површини, а во маалото Ковачевци се врши дислокација на водоводната и канализационата мрежа. Ова е дел од подготовките за целосна изградба на нова улица со должина од 550 метри, чија изградба е во напредна фаза.
За поголема безбедност на граѓаните, на новоизградениот спортски комплекс се поставени ниски заштитни столбови.

– „Продолжуваме со инвестиции за подобра инфраструктура и поквалитетен живот на сите граѓани! Градиме современа, модерна и развиена општина!“ – порача градоначалникот Атанасовски.


