Македонска Каменица добива нова патна инфраструктура – Започнува изградбата на улиците Питу Гули и Стипцарска
Македонска Каменица, 14. Јануари 2024 година – Градоначалникот на општина Македонска Каменица ја информираше јавноста, дека успешно е спроведена Јавната набавка за избор на најповолен понудувач за изградба на улиците Питу Гули (225 метри) и Стипцарска (550 метри) во Македонска Каменица и дека градежните активности ќе започнат веднаш по создавањето на поволни временски услови за работа.

Овие инвестиции се клучни за подобрување на пристапот на жителите до нивните домови и ќе имаат значаен придонес во развојот на Македонска Каменица како современо и удобно место за живеење. Оваа инвестиција ќе ја унапреди локалната инфраструктура и ќе го зголеми квалитетот на животот на граѓаните на Македонска Каменица.
Градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, во врска со започнувањето на овие проекти изјави: „Ова е значаен момент за нашата општина, бидејќи инвестираме во инфраструктура која е клучна за подобрување на животниот стандард на нашите жители. Изградбата на овие улици ќе обезбеди подобар пристап до домовите, но и ќе ја унапреди целокупната патна мрежа, што ќе ги направи нашите населени места пофункционални и поквалитетни за живеење.“
Тој додаде, „дека не станува збор само за локални проекти, туку за долгорочна стратегија која се заснова на систематски пристап за развој на патната инфраструктура во сите делови на нашата општина. Овие два проекти се само почеток, и во 2025 година ќе продолжиме со вложувањата во патните мрежи на сите рурални и приградски средини.“

Проектите се реализираат преку средства обезбедени од Владата на Република Македонија, во висина од 10.423.416,00 денари за улицата Питу Гули и 4.606.018,00 денари за улицата во Ситновско маало. Градоначалникот Атанасовски со благодарност се обрати до Владата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, за досегашната силна поддршка и за веќе најавените идни вложувања во нашата општина.

