Општина Македонска Каменица заедно со граѓаните го креира буџетот за 2025 година – Почеток на форумски сесии за креирање на граѓански буџет за 2025 година
Градоначалникот Димчо Атанасовски упати известување до јавноста, во кое ги повикува сите жители на Македонска Каменица да се вклучат во креирањето на буџетот на општина Македонска Каменица за 2025 година. Известувањето ви го пренесуваме во целост:
Почитувани сограѓани,
Би сакале да ве информираме, дека Општина Македонска Каменица започнува со одржување на форумски сесии за креирање на граѓанскиот буџет за 2025 година. Овие сесии се организираат со цел заедно, преку отворен дијалог, да ги утврдиме приоритетите и потребите на нашата заедница, како и да креираме нови програми и проекти кои ќе започнат со реализација од 2025 година.
На форумските сесии кои ќе се одржуваат во присуство на градоначалникот на општина Македонска Каменица, членови на Советот на општина Македонска Каменица и службени лица од одделот за финансии во Општина Македонска Каменица, ќе бидат поканети претставници од месните и урбаните заедници, граѓански и спортски здруженија, младите, претставници од бизнис секторот, пензионери и сите заинтересирани граѓани со конструктивни предлози и идеи. Форумските сесии ќе бидат одржувани во периодот од 02. до 12. Декември 2024 година во просториите на Домот на култура во Македонска Каменица.
Дополнително, за сите оние кои не можат да присуствуваат физички, своите идеи и предлози можат да ги испратат електронски на следниот е-маил: opstina@makedonskakamenica.gov.mk
Целта на ваквиот пристап е овозможување на транспарентен, инклузивен и отворен процес на креирање на општинските програми и планирање на инвестициите, со активна вклученост на сите граѓани на општина Македонска Каменица.
Придружете се, бидете дел од процесот и заедно да изградиме подобра иднина за Македонска Каменица!
Со почит,
Димчо Атанасовски
Градоначалник на Општина Македонска Каменица

