Земјоделие дава пари за отворање на преработувачки капацитети и опремување на веќе постојните. Станува збор за средства кои се дел од ИПАРД 2 програмата , а со кои им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги кои ќе инвестираат во вакви капацитети, да добијат поврат на половина од вложените средства:
„ Само за првиот повик од ИПАРД 2 се склучени околу 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е и повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. Затоа, со предлог Буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 14-ти јануари 2019 година, а вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик е над 13,2 милиони евра:
„ Само со развој на домашните земјоделски стопанства и агро компании може да постигнеме зголемено производство, пласман на домашниот род и девизен прилив од извозот на домашните производи“, изјави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет, како и производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производ.
Дополнително, финансиската поддршка се зголемува за 10% доколку се работи за: инвестиции во згради или опрема чија што намена е да се подобри енергетската ефикасност или третман на отпадна вода.
Сепак, прашање е колкав ќе биде интересот, зашто бројот на фирми во регионот кои се занимаваат со преработување не е голем. Повеќето од земјоделците и стопанствата се одлучувата за откуп на произведеното, отколку за негова преработка.
На ниво на држава има има 7.800 регистрирани преработувачки капацитети, што е само 11 % од вкупниот број на фирми.

