Пензиoнерите куртулија од електронското регистрирање во системот на Управата за јавни приходи. Тие се ослободени од оваа обврска во следните седум години, односно до 2024-та година. Ова за однесува единствено на тие што немаат дополнителни примања. Околу 45 000 пензионери, пак, кои освен пензијата имаат приходи по друг основ, сепак ќе мора да се регистрираат во системот на УЈП.
“Регистрирањето еднаш се прави и тоа трае за целиот период понатаму. Проблемот, ако е тоа проблем, меѓутоа не може така да го дефинирам, дека мораат граѓаните да доаѓаат повторно со цел да се верификува целиот оној процес за да го заштитиме идентитетот на секое физичко лице е врз основа на тоа да ги заштитиме и нивните податоци и да бидеме уверени ние самите дека вистина станува збор за тоа конкретно физичко лице”, изјави Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи.
Шалтерите на УЈП работат со продолжено работно време во работните денови, а отворени се и во саботите. Во функција се и мобилни екипи на УЈП кои што работат на терен.
“Ги охрабруваме граѓаните, кои од какви било причини се спречени лично да се пријават во даночните канцеларии во УЈП, да се пријават на контакт телефоните на УЈП за регистрацијата да се изврши во нивните домови”, порачува Лукаревска.
Во електронскиот систем до сега извршени се 300.000 регистрации, што претставува само третина од вкупниот број граѓани со ваква обврска.
