
Делчево, 25.07.2018 година – Катастрофална глетка во водите на река Брегалница. Нов голем помор на риби рано утрово беше забележан во водите на реката во централното градско подрачје. Мртви риби пливаа на сите страни, загрижени граѓани со неверување изразуваат згрозеност од она што го видоа, а социјалните мрежи вријат од коментари за ваквата состојба.
На лице место на настанот утрово беа излезени инспекторите за животна средина, а повикани биле и државните инспектори кои според информациите кои ги добивме се упатиле на местото кое е посочено како извор на загадувањето на река Брегалница од каде треба да бидат земени мостри од водата и мртвите риби.

Прв со изјава во врска со новиот голем помор на риби излезе делчевскиот градоначалник кој од надлежните побара најстрога казна за сторителот.
-Денеска сме сведоци на страшен и катастрофален помор на речната риба во река Брегалница, ова е дело на некои несовесни бизнисмени кои што мора најстрого да бидат казнети. Не е важен само нивниот профит туку е битна целата животна средина, земјиштето и водите во општина Делчево. Тоа ние мора да го заштитиме и мора сторителот на ова страшно дело максимално да биде казнет. Тоа ќе биде поука и за него и за сите други кои ќе се осудат да направат вакви или слични дела, рече Трајковски во денешната изјава во врска со немилиот настан.

За катастрофалниот помор свој коментар дадоа дел од граѓаните кои ги затекнавме во близина на местото каде имаше најмногу “угинати риби”.
Во продолжение во видео материјалот погледнете како денес изгледаше коритото на река Брегалница и слушнете ги изјавите на анкетираните граѓани и градскиот татко.
извор: Делчево365
