Трговците од Делечво и Каменица најдисциплинирани во државата. Казни за фискални сметки УЈП напишала само на двајца. Ова е епилогот од контролите што инспекторите го направиле во 311 трговски објекти во периодот од 11 април до 22 мај.
При тоа е констатирано дека најголеми непочитувања на законот има во делот на издавање на фискални сметки, поради што се напишани 108 казни.
Најголем број на казни се напишани во Скопје, вкупно 28, а најмалку во Делчево и Македонска Каменица, по една.
Од почетокот на годината, од контролирани 3.086 објекти констатирани се неправилности во работењето кај 362 објекти, од кои 98 се во Скопје, а само еден во Делчево.
Во исто време, евидентирани се и голем број на т.н. сторнирани сметки кои на трговците им овозможуваат да го сокријат направениот промет, а со тоа и да избегнат плаќање на данок:
- Вкупно во март и април кај 144 најчесто помали даночни обврзници утврдени се 5.097 сторни сметки. Тоа значи дека даночниот обврзник му дава на потрошувачот фискална сметка, но доколку тој не ја земе оди на ризик дека ќе биде сторнирани и врз основа на тоа се прави еден вид на затајување на данокот. Оваа состојба може да кажам дека е алармантна, рече Сања Лукаревска, дир. на УЈП.
Од УЈП најавија дека во текот на летните месеци, ќе започнат со кампања за покревање на свеста на граѓаните да бараат, а фирмите да издаваат фискални сметки. Исто така, летово ќе се зголемат контролите особено врз туристичките агенции и летните фестивали и фестови.

