
Течат последните денови за исплата на регресот за годишен одмор (К-15), а сите приватни компании кои тоа не го направиле имаат рок до 31-декември да привршат со исплатата. Законот предвидува парични и затворски казни за работодавачите кои нема да го исплатат или ќе ги побараат парите назад од своите вработени.
Оваа година, минималниот износ за исплата на К-15 изнесуваше 9.175 денари (во месец декември) како 40 отсто од просечната нето плата по вработен исплатена во претходните три месеци.

К-15 во просек се зголемувал од 22 до 32 денари месечно!
Минатата година, во декември месец приватните фирми на основ К-15 или регрес за годишен одмор требаше да исплатат минимален износ од 8.909 денари, а најмногу 13.116 денари.
Поради септемвриското зголемување на минималната плата од 10.080 на 12.000 денари што предизвика пораст на просечната нето, односно бруто плата дојде и до пораст на минималниот и максималниот износ на К-15, особено во последните три месеци од годинава.

Како што може да се забележи во табелата, минималниот износ на К-15 од декемри 2016 до декември 2017 е зголемен за 266 денари, а максималниот за 382 денари.
Дополнително, уште еден интересен заклучок е тоа дека како што се зголемува К-15, така расте и разликата во минималниот и максималниот износ што го земаат работниците. На долг рок, доколку платите продолжат да растат, оваа разлика ќе биде уште поголема.
Колку К-15 да очекувате во 2018-та година?
Точниот минимален, односно максимален износ на К-15 за следната година е невозможно да се пресмета бидејќи за тоа се потребни износите на просечните плати за последните месеци од 2018-та година, но затоа можеме да ја пресметаме просечната стапка на раст за 2017-та и истата ја да употребиме за да добиеме една проекција за можниот износ во 2018-та година.

Просечната стапка на месечен раст на минималниот износ на К-15 во последните 12 месеци изнесува 0.25%, додека пак просечната стапка на месечен раст на максималниот износ на К-15 во последните 12 месеци е 0.24%.
Според направените проекции, во декември 2018-та година износот на К-15 би требало да се движи од 9.477 до 13.914 денари.

