Меѓународна планинарска акција на највисокиот врв на Осоговијата, Руен. Повеќе од 80 планинари од Македонија и соседна Србија, во организација на планинарскиот клуб Калин Камен, го искачија врвот.
Руен е врв со висина од 2.252 метри и претставува точка на граничната линија меѓу Македонија и Бугарија.
Оваа планинарска акција се организира секоја година традиционално, а на неа учествуваат планинари од повеќе земји. Она што е впечатливо во зимските искачувања на Руен е предизвикот да се искачи највисокиот врв во источна Македонија, но и прекрасните зимски пејсажи на искачувањата.
Инаку, Руен е еден од најпосетените врвови во Македонија, а на ова место повеќе пати во годината се организираат меѓународни средби меѓу македонски и бугарски планинари, кои врвот го искачуваат од двете страни на границата, а точката на среќавање на групите е самиот Руен.

