Изгаснат пожарот на Средна планина кај Делчево

Пожарот кој беснееше вчера на планината Средна на потегот од месноста Светите Води до м.в. Ќурчиски колиби во атарот на селата Разловци и Тработивиште, од синоќа околу 19.00 ч беше ставен под контрола, по што е изгаснат.

“Од утрово екипи на ЈП Национални шуми се на терен и вршат обиколка на опожарената површина и контрола на теренот со цел навремена реакција при евентуално повторно разгорување на пожарот” – стои во соопштението од кабинетот на градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски кој додава дека “Овој прв посериозен пожар годинава, повторно го вклучи алармот и кај сите надлежни институции, но и кај граѓаните и го потенцира прашањето за човечката одговорност за заштита од пожари на шумското богатство”.

Во таа смисла, а имајќи ги предвид актуелната временска состојба, високите температури и бујната вегетација, во соопштението од текстот, Општина Делчево апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни при евентуален престој на отворен простор. Напоменуваме и дека е на сила делумна забрана за движење и престој во шумите во период од 06 ч до 20 ч. и до колку забележат евентуална појава на пожар веднаш да пријават на бесплатните телефонски броеви 193, 192 или на 112.

Да не се дозволи да ни се повторат минатогодишните апокалиптични пожари кои беснееја на планината Средна во периодот од 02.08 – 10.08.2021 година, каде согласно податоците на ЈП Национални шуми „Голак“ Делчево беше опожарена површина од 2.287,00 хектари, 230.987 м3 изгорена дрвна маса и вкупно причинета материјална штета на шумите во висина од 529.073.832,00 денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *