Вардар продолжува да доминира во домашното првенство. Лидерот на табелата ја забележа и шестата победа во сезоната, откако на домашен терен беше убедлив против Баскет Кам (81:53).
Домашните кошаркарки најголем дел од работата ја завршија уште во првото полувреме. По првите 20 минути игра имаа убедлива предност од 19 поени (45:26), која во продолжението дополнително ја зголемија за конечни 81:53.
Вардар имаше одличен придонес од стартната петорка, од која четири кошаркарки го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени. М. Николиќ беше најефикасна со 17 поени, додека Б. Николиќ, Пислевска и Тасевска реализираа по 15 поени. Тасевска на својот учинок додаде и 10 скока.
Кај гостинскиот состав, кој сега има половичен ефект од три победи и три порази, Митева беше најефикасна со 21 поен. Максимовска и Адамовска постигнаа по 12 поени, при што Адамовска забележа и 12 скока и седум асистенции, а Максимовска девет скока и три асистенции.
Текст: Кошаркарска федерација на Македонија

