Вчера измерен ветер со брзина до 134 километри на час
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека станува збор за исклучително редок метеоролошки феномен за овие простори
Силен ветер со брзина до 134 километри на час предизвика големи штети во повеќе делови од Македонија вчера. Искорнати дрвја, оштетени покриви, уништени возила и домови се дел од последиците од невремето, во кое беа повредени и десетици граѓани.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека станува збор за исклучително редок метеоролошки феномен за овие простори.
На Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот, е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 км/час со правец запад-северозапад додека во Скопската котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 км/час со правец север-северозапад.
Слично силен ветер последен пат бил измерен во јули 2012 година, кога во штипскиот регион достигнал брзина од 155 километри на час.

