Со свечена академија и културно-духовна програма Делчево го започна чествувањето на празникот на патроните Св. Кирил и Методиј
Со свечена седница и богата духовно-културна програма, во Делчево започна тридневното чествување посветено на Светите Кирил и Методиј – патрони на градот Делчево и сесловенски просветители и учители. Настанот се одржува во организација на Делчевско-каменичката епархија, а присуствуваа претставници на локалната самоуправа, свештенството и голем број граѓани.
На почетокот од свеченоста се обрати претседателот на Советот на Општина Делчево, Николчо Стоименовски, по што свое обраќање имаше и градоначалникот Иван Гоцевски.
Во својот говор, Гоцевски нагласи дека Делчево со длабока почит и гордост го чествува делото на Светите браќа Кирил и Методиј, потенцирајќи ја духовната и историската поврзаност на градот со Брегалничката мисија. Тој истакна дека жителите од овој крај имаат право да веруваат оти токму во регионот на Брегалница се поставени темелите на значајната мисија од која произлегла првата словенска азбука.

Градоначалникот се осврна и на развојот на духовниот живот во Делчево во изминатите години, посочувајќи дека формирањето на Делчевско-каменичката епархија придонело за поголема блискост меѓу црквата и верниците, како и за афирмација на градот во православниот свет. Воедно, тој упати благодарност до епископот делчевско-каменички, г. Марко, за неговата духовна мисија и посветеност.
На свечената седница се обрати и Неговото преосвештенство, епископот делчевско-каменички г. Марко, кој говореше за значењето и делото на Светите Кирил и Методиј, додека книгата „Свети Методиј и Кирил“ ја промовираше монахињата Ирина.

Во рамки на програмата, градоначалникот Иван Гоцевски додели благодарници за хуманост и општествена одговорност. Меѓу наградените беа протосинѓелот Висарион Д. и протојерејот Александар Васев.
Свеченоста беше збогатена и со настап на хорот за црковно пеење „Света Злата Мегленска“ од Скопје, кој со својата изведба остави силен впечаток кај присутните.

