30-годишен виничанец само еден лифт го дели од надворешниот свет, но никој не сака да помогне во изградбата

Триесет годишен виничанец пред три години болест го заковала во инвалидска количка. Некогаш здравиот млад човек, сега е целосно зависен од туѓата помош.

  • Сам не можам да одам, со количка, тато и мама ми помагаат, ме подигаат од кревет. На петти спрат живеам, во Виница, и не можам да спаѓам сам долу. Има две-три години како немам излезено надвор. Да сакам да отидам за Штип или за Скопје, по потреба, нема ниту кој да ме симне, ниту кој да ме качи. Нема што да правам, многу се нервирам. Нема што да правам. Имам болки, ме болат грбот, рацете, нозете, вели Зоран Петров.

Од маката и болките на Зоран страдаат и неговите родители, кои веќе се во години и им е се потешко да се грижат за него.

  • Се грижиме, го дигаме, маки мачиме со него. И со лифтот, и тоа е проблем. Да сакаме летно време да појдеме да го прошетаме некаде, нема кој да го симне долу. Па не е еден ден и два. Не можеме. Ни јас не сум арна, раце, нозе ме болат, вели Драгица Петрова, мајка на Зоран.

Здравствената состојба на Зоран е таква, што тој може да стои самостојно, но не може да оди или да станува, па за него многу голема помош би била доколку лифтот инсталиран за друга неподвижна жена во зградата, само се продолжи до неговиот стан.

  • На неа направија на први спрат и таа спаѓа. Си оди на доктор, се шета со количката, а јас сум погоре, немам лифт. Мене ми треба лифт да спаѓам до доле. Да отидам за Штип, за снимки, за прегледи. Треба и да се направат до ѕидот шипки, да почнам сам да се фаќам да одам до купатило, на терасата, да се вежбам, и можеби ќе проодам, вели Зоран.

Дека здравтвената состојба не може да се подобри на родителите на Зоран не им кажал никој, па тие бараат и помош за да може на Зоран да му се направат детални прегледи и соодветно лекување.

  • Сакам да му се помогне на син ми, колку што може побргу, да стане на нозе, да се најде чаре, дали на операција. Јас не можам веќе да работам со него. Треба колку може побргу, додека уште можам да му помагам. Кога ќе остарам, кога ќе дојдам на 80 години, кој ќе го чува него? Дај Боже да не е така, дај Боже да се оправе, вели Тодор Петров, татко на Зоран.

За маките на Зоран и неговото семејство досега не се погрижил никој. Сведок на неговите страдања се само четирите ѕидови во кои овој млад човек го минува секој ден. Нивната скромност досега не им дозволила јавно да побараат помош, но стравот од неизвесното утре, им даде храброст да излезат пред камерата и да го побараат она малку, кое за нив ќе значи нов исчекор кон подобар живот за овој млад човек.

Извор: СтарТВ Штип

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *