СУДИР НА ВЕЛИКАНИТЕ ВО СУПЕРКУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

Двете најдобри екипи од ланската, ќе ја отворат новата сезона во женскиот сегмент на македонската клупска кошарка…

Суперкуп премиера која може да се посака, Баскет КАМ против Бадел 1862

 

Oнаму каде што застанаа лани, во финалето на плеј-оф, утре вечер екипите на Баскет КАМ и на Бадел 1862 ќе продолжат.

Двете екипи кои беа најдобри во ланската сезона, ја добија таа чест да го играат првиот, и историски натпревар од Суперкупот во женска конкуренција.

Од 17.часот, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, двата фаворити за највисок пласман и во оваа сезона која доаѓа, но и учесници на ВАБА лигата, ќе се борат за првиот трофеј.

Актуелниот бранител на двата трофеи ја дочекува во еден крајно изменет состав. Без носечките играчи како Анџелика Митрашиновиќ, Ивана Кметовска, без странците Гобељиќ и Брајковиќ.

Сега и со неколку нови кошаркарки, американскиот центар Адиџат Адам, бекот од Црна Гора, Снежана Алексиќ, како и српската интернационалка Кристина Балтиќ.

Но и нов тренер, бугарскиот стручњак Александар Алексиев, додека во фаза на очекување во екипата од Македонска Каменица е се чини и најголемото засилување, враќање на теренот на Јелена Антиќ.

„Благодарност за раководството на клубот што ми дава можност да работам во еден шампионски тим како Баскет КАМ, и да се бориме за првите позиции во Македонија. Што се однесува до овој натпревар, тој треба да ни покаже што сме работеле досега. Да видиме до каде сме стигнале во она што се нарекува процес, работа. Работам со екипа во која е видлива онаа работна етика, присутна дисциплина, тоа треба да го покажеме и на теренот. Играме против еден добар тим, кој исто така ќе игра и во ВАБА лигата. Имаме млади кошаркарки од кои очекуваме прогрес, потпомогнати со оние играчи кои доаѓаат од страна. Ние треба да им го овозможиме тоа, и да бараме максимална ангажираност од сите, на секој натпревар“– коментира тренерот Алексиев пред премиерата на Суперкупот.

„Баделки“ пак не менуваа многу во меѓусезоната. Ја „добија“ Ивана Кметовска, која лани играше токму за Баскет КАМ, нов-старо име е и Метју Кетлин, кои ќе ги покриваат оние внатрешни позиции „4“ и „5“.

„Точно е, не менувавме многу во паузата меѓу двете првенства, сега ги имаме Кметовска и Кетлин кои ќе ги покриваат центарските позици во екипата која оваа година ќе игра  во ВАБА лигата. Оттука, ова е убава можност за проверка и наша и на противникот, кој за разлика од нас, направи доста промени во ростерот. Особено пред оние први мечеви од Јадранската лига кои следуваат веќе од наредната седмица“– потенцира Перо Стамески, тренерот на Бадел 1862.

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ ЦЕВКА“- 2021

25.СЕПТЕМВРИ (САБОТА): 

17.00: БАСКЕТ КАМ – БАДЕЛ 1862 (МРТ3)

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

Судии: Златевски-Јакова-Зафировски

Делегат: Дојчиновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *