Македонска Каменица се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилноста

Македонска Каменица, 22.09.2021 година – Македонска Каменица се приклучи кон градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилноста и Светскиот ден без автомобили.

Со придржување кон ковид протоколите, во рамки на активностите за одбележување на Европската недела на мобилност и Светскиот ден без автомобили – 22 Септември, на градските улици од централното подрачје во Македонска Каменица, денеска се одржа пригоден настан со возење на велосипеди.
На настанот покрај возењето на велосипеди од учениците од V и VI одделение, беа истакнати и транспаренти со пораки до возрасните за зголемено користење на велосипеди и останати еколошки превозни средства, со што сите заедно ќе дадеме свој придонес во заштитата на животната средина.
Присутна на настанот беше и градоначалничката Соња Стаменкова, која ги поздрави учениците и наставниците ментори при што го истакна задоволството што општина Македонска Каменица е еден од европските градови во кои се одбележува Европската недела на мобилност. „Ме радува денешниот настан бидејќи најмладите, учениците од нашите училишта преку учеството во денешната велотура упатуваат силна порака до возрасните за користење на алтернативни начини на движење во урбана средина. Ние како Општина, постојано ги подржуваме ваквите настани и сите иницијативи, со кои допринесуваме за развојот на свеста кај учесниците во сообраќајот и поттикнуваме користење на превозни средства со кои дополнително ќе ја заштитиме нашата животна околина“ – дополни Стаменкова
Европската недела на мобилноста секоја година, се одбележува во над 2.500 градови од Европа и Светот. Ваквите и слични настани испраќаат силна порака за користење на алтернативните видови на транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.
Фотогалерија од настанот ОВДЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *