ОТЧЕТ НА СОЊА СТАМЕНКОВА – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ЗА ПРВАТА ГОДИНА ОД МАНДАТОТ

Македонска Каменица, 15.12.2018 година – Градоначалничката на општина Македонска Каменица, денес во просториите на Дом на култура, пред бројни претставници на институциите и граѓанскиот сектор, претседателот и членови на Совет на општината, присутни граѓани и медиуми, излезе со отчет за сработеното во рамки на својата едногодишна работа.

 
Во прилог, интегрално ви го презентираме текстот од Отчет на градоначалник на општина Македонска Каменица – ЕДНА ГОДИНА ОТВОРЕНА ОПШТИНА и дел од целосното обраќање на градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова пред присутните:

ОТЧЕТ НА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА
ЗА ПРВАТА ГОДИНА ОД МАНДАТОТ

 

Почитувани сограѓани,

Помина првата година од преземањето на локалната власт во општина Македонска Каменица. Овој првичен период го искористивме за скенирање на состојбите во Македонска Каменица, за утврдување на приоритетите и поставување на здрава основа за нашите идни активности кои се насочени кон трајно решавање на најголемиот дел од локалните проблеми.

Ова е период во кој силно се насочивме кон создавање на отворена и услужна општина за сите каменичани, период на градење нов препознатлив имиџ на општина кој е партнер на граѓаните, институциите и приватниот сектор. Промените кон подобро се веќе започнати и благодетите од новопроектираните политики веќе се чувствуваат.

Како одговорна локална власт се насочивме во плаќање на долговите кои ги наследивме од претходното раководство. Исплатени се побарувањата за изградбата на патиштата до Сарафска и Мечкарска маала во село Саса, за маалите Ќосевци и Дулѓерци во село Дулица, за изградбата на дел од патот до Стамболиска маала во село Цера, за изградба на локални пристапни патишта во селата Дулица, Моштица и Луковица, како и за неколку улици во Македонска Каменица. Платени се долговите и за изградба на атмосферската канализација во Македонска Каменица и за фекалната канализација во Стара Каменица. Општина Македонска Каменица ги сервисираше и долговите кон ЕВН, кон „Камена Река“, кон Ветеринарно-сточарски центар и редица други локални институции, приватни фирми и компании.

Вкупниот износ на исплатените долгови изнесува повеќе од триесет милиони денари и за само една година успеавме да поставиме цврст темел за реализација на стотина проекти кои ќе значат силна, модерна и просперитетна Македонска Каменица.

ИНФРАСТРУКТУРА

Почитувани,

Заради подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните веќе реализиравме десетици проекти. Изградени се улиците „Пере Тошев“ и „4-ти Јули“, а во завршна фаза е улицата „Вера Јоциќ“. Започнавме со комплетно уредување на централното градско подрачје и трајно решавање на проблемот со паркинг простори. Изградени се тротоари и паркинзи со вкупна површина од над 3.000 метри квадратни. Завршена е изградбата на мостови во Павлиш дол, село Моштица, на Луковичка река во село Луковица и на Црна река во село Костиндол. Уреден е одводен канал во Горен Павлиш дол, а поставени се и заштитни огради на повеќе мостови и канали. Изградени се локални пристапни патишта во село Моштица и доуредени се бетонски пропусти за одведување на атмосферски води во селата Косевица, Костин дол и Моштица. Нови локални пристапни патишта имаат и село Луковица, село Долна Саса и село Дулица. Завршена е јавната набавка и нови згради ќе добијат месните заедници во Аризанска и Сарафска маала и маала Ристовци во село Саса, но и месната заедница во Стара Каменица доколку најдеме заеднички јазик и постигнеме договор со локалното население. Шест армирано бетонски настрешници ќе бидат изградени во селата Тодоровци, Косевица, Дулица, Саса и останатите рурални средини. Во напредна фаза е и изградбата на нов каскаден праг и уредување на речното корито во долниот тек на река Каменичка. Комплетно е завршена изградбата на оградата на Средното училиште „Миле Јаневски Џингар“, а паралелно се работи и на неколку Детални Урбанистички Планови. Така, во завршна фаза се ДУП-овите за блокови 1, 2, 5 и 13, како и урбанистичките планови за Цера и Дулица. Во насока, пак, на создавање на квалитетна општинска администрација и подобрување на услугите кои ги дава општина Македонска Каменица, по цели 40 години реконструиравме најголем дел од општинските простории и набавивме нова IT опрема.

Соработката и партнерскиот однос со најголемиот стопански капацитет рудник Саса е на значително повисоко ниво и благодарение на тоа во Македонска Каменица има ново модерно повеќенаменско игралиште со спуртон подлога, нов трактор со приклучна опрема за Јавното претпријатие и ново пијанино за потребите на Културно-информативниот центар „Романса“.

Од причина што не наследивме ни готова проектна документација ги зголемивме финансиските средства за подготовка на нови проекти кои ќе значат подобар живот за граѓаните.

Веќе подготвуваме проектна документација за енергетска ефикасност на ООУ „Св. Кирил и Методиј“, а изготвен е и проект за изградба на противпожарна кула за рана детекција на пожари. Во напредна фаза сме и за реализација на проектот за промена на старото улично осветлување со ново енергетски ефикасно лед осветлување. Имаме нови проекти за поставување на фотоволтаични панели на ООУ „Св.Кирил и Методиј“, СОУ „Миле Јаневски Џингар“ и ЈОУДГ „Бамби“. Подготвен е нов проект за поврзување на селата Луковица и Косевица и во најкраток можен рок овој асфалтен пат ќе биде изграден. Поврзани ќе бидат и селата Луковица и Тодоровци, а исто така од огромно значење е и финализацијата на проектите за улица „Карпошова“, како и за локалниот пат до маала Гребење во село Цера. Се привршуваат и проектот за нови гробни површини, за нови пет типски детски игралишта во руралните средини, а еден од најголемите проекти на кои работиме во моментов е проектот за реконструкција на Градскиот стадион во Македонска Каменица.

Во областа на комуналните работи, а во содејство на општинската администрација и Јавното претпријатие „Камена Река“ исчистено е речното корито на Каменичка река и санирани се штетите на кејскиот ѕид онаму каде што тоа беше најпотребно. Започнавме со регулирање на текот на Каменичка река и нејзините притоки со што можностите за нивно излевање се сведени на минимум и е спречено поткопување на мостовите и пропустите на локалните патишта. Исчистени се одводните канали во централното градско подрачје, а регулирани се и неколку свлечишта на локалните патишта. Во континуитет вршиме обновување на старата и оштетена урбана опрема, а поставивме нова на кејот на река Каменичка. Санирани се штетите на Градскиот базен и се набавија 40 нови лежалки и 20 чадори, како и бесплатен Wi-Fi интернет. Интензивно се работи на атмосферската и фекалната канализација на целата територија на општина Македонска Каменица, но и на подобрување на квалитетот на водата за пиење и целосно решавање на проблемот со недостиг на вода во текот на летните месеци. Целосно се реконструирани и тоалетите во Здравниот дом во Македонска Каменица.

Во насока, пак, на создавање на здрава животна средина, засадивме 300 нови еколошки прифатливи автохтони зимзелени и листопадни дрвни видови, а се грижиме и за одржување на целокупното градско зеленило. Набавивме семе и семенски материјал за производство на повеќе од 25.000 едногодишни и повеќегодишни цветни растенија, со што Македонска Каменица ќе остане препознатлива по убавото цветно-декоративно уредување. Поставени се и 20 нови големи затворени контејнери во руралните средини.

Започнавме да се грижиме за собирањето и преземањето на електронски отпад заради што е склучен договор со компанијата Елколект и преземавме одговорност за комплетно отстранување на градежниот шут, како и за однесување на старите и расипани електрични апарати од територијата на општина Македонска Каменица.

Заради подобрување на безбедноста во сообраќајот значително вложуваме во нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

Дека сме одговорна локална власт потврдува и фактот што непродуктивните расходи ги намаливме на минимум, како што се договорите за угостителски услуги кои од 700.000 денари се намалени на 520.000 денари, а за сметка на тоа се зголемуваат во континуитет финансиските средства кои се доделуваат за новороденчиња, за талентирани ученици и студенти, за успешни спортисти, за социјално-ранливи лица и други категории на граѓани.

ОБРАЗОВАНИЕ

Образованието е наш приоритет и затоа веднаш воведовме мерки кои значително ќе го подобрат образовниот процес. Со измените во Правилникот за стипендирање на ученици и студенти станавме општина-рекордер и по бројот и по висината на износот на стипендиите. Сега доделуваме дваесет стипендии годишно и нивниот износ е 3.000 денари месечно. Ја зголемивме финансиската поддршка за исхрана во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и учениците ќе добиваат поквалитетна храна. Општина Македонска Каменица во целост ги покрива трошоците за превоз на дечињата во Детската градинка „Бамби“, а овозможивме и бесплатен престој за дечињата на самохрани родители. Во партнерство со локалните образовни институции реализиравме десетици проекти. Во Средното училиште има нови компјутери во кабинетот по информатика, неколку училници се реконструирани, а изградена е и нова летна училница. Во Основното училиште има нова спортска опрема, нови влезни врати, нагледни средства за настава, нов инвентар (нови училишни столчиња и клупи, вариолајт завеси и слично), саниран е дел од кровната конструкција, столаријата на еден кат од училиштето ќе биде заменета со нова до крајот на оваа година. Во ЈОУДГ „Бамби“ е извршена реконструкција во дел од просториите и подобрување на условите како за работа на вработените, така и за подобар престој на дечињата.

 

СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА И ЗАШТИТА

Нашата грижа кон маргинилизираните и кон социјално-ранливите категории на граѓани продолжува. Го зголемивме износот кој се доделува за секое новородено дете, и Општината за секое новороденче исплаќа финансиска поддршка од 10.000 денари, а за првото новороденче во секоја година се исплаќаат 20.000 денари. Финансиски средства доделуваме и како еднократна парнична помош потребна за социјални случаеви или за болничко лекување. Во партнерство со Рудник „Саса“ доделивме социјални пакети за ранливи категории на граѓани, ги поддржуваме лицата со посебни потреби, доделуваме новогодишни пакетчиња за дечињата, а во соработка со Здружението на пензионери доделивме пакети и за стари и изнемоштени лица.

Конечно започна со работа и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица. Ангажирани се стручни лица, а лицата со посебни потреби веќе не мора да патуваат во Делчево, туку низ низа различни активности престојуваат во еден нов и модерен објект.

Значајна е поддршката што општина Македонска Каменица ја доделува и за невладиниот сектор кој делува во областа на социјалната заштита, со што дополнително се влијае на подобрување на условите за лицата со посебни потреби во Македонска Каменица.

 

СПОРТ И МЛАДИ

Општина Македонска Каменица има јасна цел – промоција и поддршка на спортот, здравите спортски навики, како и за обезбедување поддршка за младинскиот активизам. Повеќе од триста дечиња се членови на нашите спортски клубови, а финансиската поддршка која ја издвоивме за нив е рекордна оваа година. Обезбедивме финансиски средства за Фудбалскиот клуб „Каменица Саса“, за Женскиот фудбалски клуб „Каменица Саса“, за Кошаркарскиот клуб „Баскет Кам“, за „Астра спорт“, за Училишниот спортски клуб „Каменица Спорт“ и за Спортско риболовното друштво „Шаран“. Вкупната финансиска поддршка за развој на спортот е околу 4 милиони денари. Преку донација обезбедивме поставување на Кока Кола активна зона – отворен терен на кој спортистите ќе можат бесплатно да вежбаат.

Во општина Македонска Каменица започна со функционирање и Совет на млади кој веќе е вклучен во неколку проекти. Во завршна фаза е и првата Локална младинска стратегија во Македонска Каменица и веќе од 2019 година ќе имаме правилно креирани младински политики.

КУЛТУРА

Културата е еден од најзначајните сегменти и ние и посветуваме особено внимание. Македонска Каменица може да биде горда и на бројот и на квалитетот на сите оддржани културни настани. Полека, но сигурно се етаблираме како една од најатрактивните културни дестинации во регионот, а нашите културни настани привлекуваат илјадници посетители. Годинава се одржа десетото јубилејно издание на манифестацијата „Каменичко Културно Лето“, а настапите на Јелена Розга, С.А.Р.С., Ален Исламовиќ, Тамара Тодевска, Слаткар, Елена Велевска, како и на нашите локални музичари и диџеи уште долго ќе се паметат. Манастирско-туристичкиот комплекс „Еленец“ беше домаќин на се помасовните културни манифестации „Бабина Баница“, „Ден на дијаспора“ и „Europ’Raid“. Наши гости беа и извонредните светски улични артисти, дел од „БаскерФест 2018“. Во Домот на култура, а во партнерство со КИЦ „Романса“ беа прикажани врвни театарски и филмски остварувања, како и мноштво други културни настани – музички концерти, изложби, стенд ап шоуа. Тука би сакала да ги споменам: филмот „Исцелител“, театрската претсава на Велешки театар „Вдовицата се мажи“, концертото на Бени Шаќири и Златко Ориѓански, детските театарски претстави „Малата сирена“, „Волшебната шума“ и „Пинокио“,  „Детското кино“, преставата „Стјуардеси“ на Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, концертот на класична музика во изведба на оркестарот при ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани, настанот „каменички сатирикон“ и уште многу други. Финансиските средства кои ги издвојува општина Македонска Каменица за поддршка на институциите од областа на културата се околу 4 милиони денари.

 

МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА И НЕВЛАДИН СЕКТОР

Ги поддржуваме институциите, невладините организации и здруженијата на граѓани кои делуваат во областа на културата, туризмот, животната средина. Значителни финансиски средства општина Македонска Каменица доделува за Пчеларското здружение „Еко Кам Мед“, за КУД „Вера Јоциќ“, за Здружениете на граѓани „Еленец“ од село Цера, за Еколошко друштво „Здравец“, за Ловното и Риболовното друштво, за Здружението на граѓани „Надеж-Норе“ и други.

Ја продолживме и ја продлабочивме соработката со општините Белица и Невестино во Република Бугарија и веќе, во партнерство со овие општини, аплициравме на Вториот повик на ИПА – Програмата за прекугранична соработка.

Почитувани,

На наше огромно задоволство, конечно е донесен Законот за рударите што е една огромна победа за сите каменичани. Победа е и тоа што создаваме еднакви услови за сите и можности за развој на локалната економија. Ве уверувам дека во наредниот период забрзано ќе продолжиме да градиме успешна општина, а нашите нови програми и проекти ќе донесат благосостојба за сите наши сограѓани.