Можни дополнителни рестрикции за невакцинираните граѓани

Активни се 8 415 случаи во државава од кои најголем број 3797 се во Скопје. Во Битола има 635 активни случаи, во Прилеп 401, во Куманово 379, во Кавадарци 363, во Велес 358, во Штип 264…

Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, при направени 3.296 тестирања регистрирани се нови 469 случаи со Ковид-19, 13 починати, 375 оздравени пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки. – Апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат, рече Филипче.

Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.

– Ние можеме да контролираме, но не може ниту една држава се да исконтролира. Затоа е свеста и совеста на граѓаните многу важна. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни, изјави Филипче.

Мерките, посочи Филипче, се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.

– Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот.

Филипче, исто така, посочи дека е намален процентот на луѓе кои се хоспитализираат од вкупниот број на нови дијагностицирани, споредено со претходните бранови кога тој процент бил околу десет, а сега е некаде меѓу пет и шест отсто.

– Вирусот е многу непредвидлив и да има нов сој, тоа значи дека ќе има некои нови карактеристики. Затоа, за тоа што се прави во регионот и какви се ефектите од тоа ќе дискутираме следната недела. Апсолутно ако има некаква мерка, што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме, изјави Филипче.

Граѓаните, нагласи, мора да знаат дека со својата свест, совест и одговорност многу придонесуваат, прво за сопственото здравје, а потоа и на здравствениот систем.

– Знаете, сега е преоптоварен здравствениот систем, во делот на ковид центрите, од невакцинирни пациенти. Вакцинираните пациенти, имаат очигледно полесна клиничка форма и ако продолжи тој тренд, повторно ќе бидат преоптоварени болниците, како што се сега во Србија, Хрватска, Бугарија и Грција. Апелирам граѓаните да се вакцинираат, има доволно вакцини, пунктовите работат. Тоа е излезот од кризата, истакна Филипче.

Вакцинацијата за сезонски грип и за Ковид, без разлика дали е прва, ревакцина или е трета доза може да биде и истовремено, појасни Филипче и додаде дека ако, пак, има временска разлика, нема никаква врска колку е временската дистанца.

Министерството за здравство вчера ја објави анализата за период од 6 август заклучно со 11 ноември, според која, во изминатите три месеци 71 процент од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, наспроти 29 отсто кои биле вакцинирани. Од починатите граѓани, 80 проценти не биле вакцинирани, а 20 отсто вакцинирани.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата 52.436 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 29 проценти биле целосно вакцинирани, односно 15.456 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе три месеци, 36.980, граѓани, односно 71 отсто од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани, се вели во анализата на Министерството за здравство.

Анализата, исто така, покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

– Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата починале 1.788 пациенти со Ковид 19, 1.434 пациенти од починатите, односно 80 проценти не биле вакцинирани, а само 20 отсто, односно 354 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, стои во анализата на Министерството.

Од Министерството нагласуваат дека секоја вакцина која ја има на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, со што ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на SarsCoV2.

– Во изминатите два дена аплицирани се вкупно 7.169 дози вакцини, од кои 1.389 се аплицирани како прва доза, 1.364 се ревакцинирани, а 3.433 граѓани примиле трета доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Заклучно со 11 ноември вкупно се вакцинирани 812.631 граѓани, ревакцинирани се 783.880, а трета доза примиле 51.531 граѓани. Дури 54 проценти од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина, информираат од Министерството за здравство.

Според бројот на аплицирани вакцини, 39 проценти од целата популација во земјава е вакцинирана, а 37 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во државава од почетокот на епидемијата изнесува 208 467, на оздравени пациенти е 192 745, а на починати е 7 307.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *