ЗОШТО ХРИСТИЈАНИТЕ СЕ КРШТЕВААТ

Зошто христијаните се крштеваат?

01 јули 2017 | kamenica.mk
 
Крштевањето е една од Светите тајни на Црквата. Христијанското крштевање води потекло од Исусовото крштење од страна на Јован Крстител. Теолозите велат дека оваа Света тајна била востановена од Господ Исус Христос. Евангелието зборува дека Спасителот по воскресенувањето им се јавува на неговите ученициапостоли. За време на едно такво јавување тој им рекол: Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народикрштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, учејќи ги да го почитуваат тоа што сум го заповедал.
Во раното христијанство, крштевањето се вршило само над т.н. зрели верници, кои претходно морале да се пријават како кандидати за обред на крштевање и определен период да се пуштат во пост и молитва. За да верниците бидат крстени, тие морале да се покажат како достојни за тоаСо крштевањето лицето се чисти од прародителскиот грев и од своите гревови(ако се работи за возрасен), умира за грешениот живот, и се раѓа за нов, духовен и блaгодатен. Крштевањето е духовно раѓање.
Денес крштевањето се прави повеќе формално, површo и по традицијата, без притоа да се размисли што значи самиот тој чин. Мал е процентот на лицата кои знаат зошто се крстени. 

Крштевање (баптизо – потопување) или бања на повторно раѓање
Презвитер Ивица Тодоров, свештенослужител во МПЦ-ОА, вели дека луѓето треба да станат свесни и одговорни за огромното спасоносно значење на крштевањето. Тој посакува христијаните да престанат само формално да го извршуваат крштевањето или без никаква подготовка и вера да учествуваат во него.
отец крштевање
– Патот кој води кон осознавање на Вистината започнува со нашето духовно (личносно) будење (покајание), односно со нашето прво вистинско и љубовно-искрено соочување со самите себе си, со нашиот живот, но и со дарителот на нашиот живот, со Творецот. Во тоа соочување, ако сме љубовно-искрени, се случува внатрешна промена во нашиот ум (покајание – преумување), односно, нашата личност станува свесна за вистинскиот квалитет и смисла на своето постоење, вели презвитер Тодоров.
Тогаш, вели тој, личноста открива дека не е случаен производ на некаква слепа еволуција и дека овој свет, а и човекот, од Творецот не се создадени со и за зло, грев, страдање, распадливост, незнаење и смрт, туку се создадени за живот во љубов, вистина, здравост, творештво, служење, хармонија, смисла, полнота, вачност.
– Кога една личност ќе доживее духовно будење, кога ќе се преуми и ќе стане свесна за состојбата во која се наоѓа, тогаш таа го чувствува гласот Божји во себе, бара очистување од гревот и злото, превреднување на вредностите на постоењето и помирување со својот Творец, со ближните, со себе си, со животот, со сиот свет. Всушност, личноста бара внатрешен прекин со еден бесмислен начин на живеење во зло и илузија за да започне друг, вистински начин на живеење. Тој процес на таинствено излегување од гревот и влегување низ вратата на Царството Божјо ние во Црквата, во новозаветниот народ Божји, го нарекуваме крштевање (баптизо – потопување) или бања на повторно раѓање , вели презвитер Тодоров.
 
Тој потенцира дека не случајно крштевањето е прва од седумте Свети тајни на Црквата. Преку неа луѓето стануваат членови на Црквата, на Телото Христово, односно, преку учествување во ова света тајна, луѓето во себе ги примаат плодовите на Христовата спасителна и искупителна жртва и неговото воскресение од мртвите.
– Сето она што Христос на крстот го направи за сите нас – ние во моментот кога се крштеваме (потопуваме три пати во вода) го примаме во себе. Христос на крстот објективно, го искупи, оправда, спаси и ослободи целото човештво од сатанската тиранија, од последиците на првородниот грев и на гревот и злото воопшто и повторно го воспостави изгубеното единство помеѓу Бога и отпаднатиот човек. Кога ние се крштеваме, преку нашето лично (субјективно) учество во тајната и преку нашата вера и љубов, сето тоа го примаме во себе, објаснува презвитер Тодоров.
 
Кон Светите тајни треба да се гради сериозен однос
Господ Исус Христос за оваа тајна на Црквата го кажува следното : Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието (Добрата вест за спасението на човештвото) на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти , ќе биде спасен , а кој не поверува, ќе биде осуден.
– Според овие зборови на нашиот Господ се заклучува дека крштевањето има суштинско значење во нашиот духовен спасоносен живот. Затоа кон него, а преку него и кон останатите Свети тајни на Црквата, треба да градиме сериозен однос. Формалниот, површниот и традиционално фолклорниот (адетскиот) пристап кон Светите тајни и воопшто кон животот во Црквата, без духовна разбуденост, вера, љубов, свесност и воведување во смислата и силата на светотаинскиот живот, може да има кобни последици. Многумина кои се само крстени, а не живеат како Христови ученици во Неговата Црква, па дури и не знаат што примиле во крштевањето, сериозно си поигруваат како со својот живот во овој свет, така и со своето спасение и вечен живот, предупредува нашиот соговорник.
Отец Ивица Тодоров објаснува дека, преку нашето трикратно потопување во вода во името на Отецот и Синот и Светиот Дух од страна на добродетелен и канонски ракоположен епископ или презвитер, во исклучителни ситуации и од обичен член на Црквата, се случува по Божји благослов, преку плодот на Христовата искупителна жртва и силата на Светиот Дух, чудото на нашето духовно раѓање, откупување, оправдување и спасување од злото, гревот, сатаната и смртта.
– Од тој момент, осилени и обновени преку силата на Светиот Дух што ја примаме во тајната на миропомазанието, започнуваме во Црквата да го градиме нашето спасение, очистување и подготвување за воскресението од мртвите при второто доаѓање Христово во овој свет и за вечниот живот во Царството Божјо. Самиот чин на крштевањето трае кратко, но нашата духовна подготовката за него трае долго (според преданието на Црквата тие што се крштеваат како возрасни треба да бидат катихумени, односно треба да бидат подготвени за крштевање), а животот по крштевањето, ако живееме и растеме во тоа што сме го примиле и свесно не се откажеме од него, по нашето воскресение од мртвите ќе трае вечно, вели тој.
Тој објаснува дека, децата, во христијанските семејства кои живееле полносен духовен живот во Црквата, се крштевале уште во ранохристијанскот период. Нивните родители како вистински и активни, а не само традиционални и пасивни членови на Црквата, тоа го правеле со голема сериозност.
– Во тоа им помагал и кумот (восприемникот – сведокот на крштевањето) за што ни сведочи Св. Дионисиј Ареопагит (ученик на апостол Павлеепископ на Атина) во свето дело: За Црковната ерархија. Тие одговорно и со љубов внимавале децата да растат и да се воспитуваат во спасоносен и здрав христијански дух. Тоа најдобро го правеле, а и денес го прават вистинските христијански семејства преку заедничкото учество со своите деца на Литургијата (разбрана како заедничкото дело на црковната заедница) и преку причестувањето со својот Спасител преку неговото тело и крв (учество на Господовата трпеза како врв на Литургијата). Денес, заради ред објективни и субјективни причини, многу родители, пред да ги крстат своите деца, треба самите да осознаат зошто се крстени. Без тоа сознание тие не се подготвени, освен биолошки, да им бидат и духовни родители на своите деца. Всушност, подготовката на родителите за можноста одговорно и со сознание да учествуваат во крштевањето на своите деца треба да започне со нивното учество во Светата тајна на Бракот (Венчавањето), потенцира нашиот соговорник.
 
Да се престане со формалното извршување на крштевањето
Презвитер Ивица Тодоров објаснува дека прашањето поврзано со крштевање на бебиња, мали деца било актуелно и во ранохристијанскиот период.
крштевање
 – И тогаш околу ова прашање имало спорови – и секој излегувал со свои аргументи за својот став. Оние кои го отварале прашањето за крштевање на мали деца се повикувале на неколку отворени прашања, како на пример, дали бебето, малото детенце ако умре некрстено – ќе биде спасено? Во тоа време процентот на смртноста кај бебињата, малите деца – бил голем.Дали во време на гонењето (во тоа време христијаните биле жестоко гонети), ако децата, заедно со своите родители, бидат убиени, фрлени на лавови во арени, распнати на крст – ако не се крстени – ќе бидат спасени? Имало и други отворени прашања – кои биле од теолошки аспект и биле поврзани со разбирањето на тоа што е „прародителски грев“, вели нашиот соговорник.
Дефинитивниот став околу ова прашање бил донесен на Црковниот Собор во Картагина 419 годинаСтавот бил втемелен на пристапот на апостолот Павле (Римајните. 14, 3 – 6), односно, било овозможено и двата пристапа да бидат актуелни. Значи, никој во Црквата не може некого да натера или да го казни ако ги крштева или не ги крштева своите деца. На секого му е оставено на совеста и одговорноста.
– Единственото нешто, за што јас актуелизирам некои нешта, се во контекст на тоа што во тоа време скоро и да не постоеле – традиционални христијански семејства во денешна смисла на зборот. Тогаш христијаните биле христијани! Денес нештата се поразлични – за жал и за срам! Денес, многумина велат дека му припаѓаат на христијанството – но за жал само на ниво на некаква „неодредена“ идентификација. Посакувам Господ да ни даде сила, љубов и вера да престанеме само формално да го извршуваме крштевањето или без никаква подготовка и вера да учествуваме во него. Ако ние како Црква во своите срца не ја разбереме оваа молитва ќе тонеме се подлабоку во духовната успиеност и неосетливост и сериозно ќе ги нарушуваме спасоносните заповеди на нашиот Спасител, а со тоа многу личности ќе го загубат својот живот, како во овој свет, така и на вечен план, потенцира презвитер Тодоров.
крштевање
 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *