Златен Елец со театарската претстава “Грета” гостува во Домот на култура во Македонска Каменица

Утре, среда 22. Февруари 2023 година, во Домот на култура со почеток од 19:00 часот, гостува театарот Златен Елец со изведбата на театарската претстава “Грета”.

“Грета” е работена според Луц Хибнер и Јохан Волфганг фон Гете. Режиja и адаптација на Тамара Стојаноска. Улогите ги играат Димитрина Мицкоска и Ане Блажовски.

„Грета“ раскажува приказна за театарот, за создавањето на театарски светови, за пробата и процесот, за актерите како душата на театарот, за односите на театарските уметници во еден процес.

Ситуациите и ликовите што се претставени во “Грета” се модели земени од театарскиот свет, ликови кои што на сите театарџии ќе им бидат многу блиски и познати, а за оние кои не се во оваа професија, ова ќе биде како ѕиркање во една театарска приказна која што преку комедијата ќе води низ процесот на создавањето на една претстава. Сите ликови се обични луѓе со различни погледи, методи, принципи и поинаква љубов кон театарот и животот воопшто.

Низ претставата се прикажани осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од „Фауст“ и двајца актери кои што ќе зборуваат за својата професија, за магичните, но и за оние тешки моменти со кој се судира секој театарски уметник. Театарот постоел илјадници години и ќе продолжи да постои и покрај тешкото време во кое се наоѓа, бидејќи ова е повеќе од професија, ова е начин на живот, чудна моментална магија на сцена која што не се повторува исто двапати.

„Пробата треба да носи радост. Зашто за пробата се одделува половината од секој ден во тек на целиот живот. И, по напорните проби, ако излезе дури и добра претстава – тоа не ќе ги покрие загубите.“
– А. Ефрос.

Преводот и адаптацијата се на Тамара Стојаноска. Музика и вокал Лука Тошев и Дина Јашари.
Дизајн на плакат, маски и портрети: Сценографијата е на Слободан Петрушевски, а извршен продуцент е Бобан Алексоски.
Продукција: Театар „Златен Елец“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *