Дали може да се врати евтината струја преку ден?

Илустрација

Има десеткратно зголемување на капацитетот на соларни централи за струја. Ќе има периоди, особено летно време, кога струјата преку ден, ќе биде речиси бадијала. Власта најавува задолжително поставување батерии во соларните централи за вишоците струја да се чуваат за кога ќе треба.

Со инвестицискиот бум во изградбата на соларни централи за производство на струја, кои произведуваат само додека има сонце, може да дојде до ситуација во исто време да се произведе многу повеќе струја од потребното, па нејзината цена во одредени периоди да биде речиси нула.

Извозот исто така ќе биде многу тежок, затоа што Македонија не е единствената земја која во енергетската криза многу инвестираше во соларни централи. Слична е ситуацијата и во Грција, Бугарија, Албанија, Хрватска, а големи инвестиции имаше и во Косово и во Србија, па и во регионот ќе има вишок денска струја.

Тоа е една од причините што се отвори дебатата за враќањето на денската евтина струја за граѓаните, која беше укината на почетокот на 2022 година, поради енергетската криза.

Пред десетина дена, министерот за економија Крешник Бектеши, а потоа и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски најавија дека се прават анализи дали е возможно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот. Бислимоски рече дека предвид се земаат три работи – колкаво ќе биде производството на државниот производител ЕСМ, бројот на изградени фотоволтаици и цената на струјата кога фотоволтаиците произведуваат. Одлуката треба да биде донесена до 1 јули.

„Во периодот кога произведуваат фотоволтаиците, цената на електрична енергија на берзите паѓа. Како ќе се градат сè повеќе и повеќе фотоволтаици, а ќе се градат, ние ќе имаме периоди кога е можно, во летен период, да имаме и цени коишто ќе бидат блиску до нула, а можно е да имаме и цени коишто ќе бидат негативни“, рече Бисломоски во вчерашното интервју за ТВ 24.

izvor: slobodnaevropa.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *