Здрава храна: Круша

Симбол на луксуз во времето на францускиот крал Луј XIV, „дар на боговите“ според славниот еп – Одисеја на Хомер, а пред се симбол за здравје во денешно време – во право сте ако помисливте на круша.

Таа е богат извор на витамините Ц и К, витамини од групата Б, а од минералите најмногу се издвојуваат: бакар, калциум и железо.

Имајќи го в предвид нутритивниот состав, логични се и бројните здравствени придобивки. Крушите се идеален избор за лицата кои го усвоиле модерниот стил на живот, а со тоа се изложиле на стрес, динамичен и брз живот, исцрпеност и губиток на резервите на енергија. Има антиоксидативно дејство, крушите се и природни заштитници од многу заболувања, вклучувајќи ги и малигните болести.

Во ова чудесно овошје уживал човекот од Каменото доба, а ништо не е променето и до ден денес. Секој го конзумира онака како што милува.

„Може да се прави компот, да се јадат свежи, а најубави се оние кои потекнуваат од Крива Паланка“, велат анкетирани граѓани.

Постојат илјади сорти од ова овошје, а највкусните веќе можат да се пронајдат на пазарите и во пиљарите.

„Прв пазар ни е ова, пред неколку дена почнавме со берба и се трошат, граѓаните многу ги сакаат“, вели продавач на круши.

Веројатно најстарото сè уште родно дрво на круша во Македонија е од сортата „боздонка“ и се наоѓа во Ресен, во дворот на една семејна куќа во близина на Домот на културата. Се претпоставува дека дрвото било засадено во времето на Нијази-бег пред повеќе од 150 години.
Извор – СтарТВ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *