ЗАГРИЖУВАЧКИ: Низ улиците се вози пијано и со двојно поголема брзина од пропишаната

Дивјачко возење низ улиците во земјава. За два дена казнети најмалку 500 возачи кои возеле брзо, пијано или не пропуштале граѓани на пешачки премин. Овие казни полицајците ги пишале во различни полициски акции, во само едно деноноќие. За пет часа биле казнети вкупно 138 пијани возачи во контрола вчеравечер која почнала во 22 часот, а завршила утринава во 3 часот. Најмногу пијани возачи полицајците регистрирале во Скопје, Битола и во Тетово.

Само вчера МВР  казнила 164 возачи кои возеле над дозволената брзина. Од нив, 10 возачи возеле дури над 50 километри на час повеќе од ограничената брзина. Казнет е и возач кој со возило управувал над 70 километри на час од дозволеното. 88 возачи брзо возеле во населено место, а 76 надвор од населено место.

Полицијата казнуваше и возачи кои на пешачки премин не пропуштаа граѓани. Само вчера се казнети 213 возачи кои не го почитувале правилото на пропуштање пешаци. Најмногу се казнети во Скопје дури 140 возачи кои одбиле да пропуштат пешак на обележан пешачки премин.

„Министерството за внатрешни работи и денеска и во наредните денови ќе продолжи со ваквите акциски контроли. Апелираме до возачите секогаш да ги пропуштаат пешаците, односно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Исто така, упатуваме апел и до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин, затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Наша заедничка обврска е, со почитување на правилата, да придонесеме за побезбедни сообраќајници“, изјави Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.

Ваквите засилени контроли на полицијата доаѓаат по неколкуте несреќи со смртни последици кои се случија изминатите десетина дена.

Игор Стефановски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *