Двете непоразени екипи во младинското кошаркарско првенството во М12 категорија (жени) приредија вистинска драма во меѓусебниот дуел одигран вчера во Делчево.

Во трилер завршницата ЖКК Баскет Кам М12 успеа со 37:35 да слави против ЖКК Патриот Делчево. За огромната желба и мотивираност за победа во соседското дерби и изедначеноста по квалитет говорат и двете продолженија на натпреварот.
Со вчерашната победа најмладата екипа на ЖКК Баскет Кам останува единствена непоразена екипа во категоријата. Кошаркарките од Македонска Каменица до 12 годишна возраст, како и сениорскиот тим на ЖКК Баскет Кам ќе презимат како есенски шампиони на Македонија.
