МАКЕДОНИЈА
Баскет Кам го одбрани трофејот во женскиот кошаркарски куп

Екипата на Баскет Кам втора година по ред го освојува македонскиот кошаркарски куп во женска конкуренција, а денеска славеше против Бадел 1862 (64:61) во реприза од ланското финале.
Составот од Македонска Каменица мораше да игра продолжение за да стигне до трофејот, откако регуларните четириесет минути завршија со резултат 58:58, за во дополнителните минути Баскет Кам да биде поуспешен со 6:3.
Поразениот тим ќе жали што ја прокоцка предноста во последниот период, бидејќи Бадел водеше со 49:40 на стартот на последната етапа, но Баскет Кам за само три и пол минути го презема водството.
Пуљизовиќ со 23 и Алексиќ со 15 поени беа најефикасни во победничката екипа, а двоцифрен учинок имаше уште само Тасевска со 10 поени. Кај „баделки“, Стојановска реализираше 22, а Трајчевска 16 поени.
Кристина Пуљизовиќ е избрана за МВП на завршниот куп турнир.