Ексклузивно истражување: Во чевлите на бездомниците (1 дел)

Има стара поговорка, која вели дека не можеш да знаеш како се чувствува некој човек додека не влезеш во неговите чевли. Јас го сторив токму тоа.
Бев во нивните чевли, а ова е моето искуство од деновите додека седев на картон преправен како питач на улицата Македонија

Околу триста бездомници секој ден се обидуваат да го заработат својот леб во нашиот главен град. За жал, овие луѓе, најчесто припадници на некоја од маргинализираните групи, во своите обиди да дојдат до некој денар стануваат цел на несовесните граѓани, кои воопшто не се воздржуваат да го изразат својот револт, гнев и гадење кон нив.

За лично да  проверам колку се точни предрасудите за овие луѓе, но и да се уверам во односот на другите граѓани кон нив, решив да ја „снимам“ ситуацијата однатре, за да можам да го споделам тоа со читателите. Во договор со уредниците решив да бидам „питач“ извесен период од повеќе денови. Сите импресии што ги добив во текот на тие денови се преточени во текстот што е пред вас, но и во наредните неколку продолженија.

Сите велат дека сме хумана нација и тоа е факт, но сепак и понатаму постојат многу луѓе во нашиот град на кои им треба помош. Ова новинарско истражување е обид да се слушне гласот на сите оние што не можат да бидат чуени, а секојдневно се „дерат“ од мака. Сѐ додека не седнав на улицата Македонија, мислев дека моралот и животните вредности се погребани, а ние сме во прв ред. Животните вредности се далеку од тоа што некогаш биле, а моралот, етиката, бонтонот и хуманоста подзаборавени.

„Види се на што личиш бе тргни се од тука“

За среќа, некои од граѓаните ме натераа да го сменам тоа мое мислење. Во продолжение ќе можете да прочитате што всушност искусив во  периодот што го минав движејќи се заедно со луѓето што се на маргините. Преправен како нив, јадев со нив, пиев со нив и се смеев со нив.  Повеќето од тие луѓе се интелектуалци, а судбината си поиграла со нив. Има стара поговорка, која вели дека не можеш да знаеш како се чувствува некој човек додека не влезеш во неговите чевли. Јас го сторив токму тоа. Бев во нивните чевли, а ова е моето искуство од деновите што ги минав преправен како питач на улицата Македонија.

„Срамота е да просиш на овие години“, „Никогаш тебе не би ти дала пари“, „Види се на што личиш бе тргни се од тука“, се само некои од коментарите што граѓаните ги употребуваат за маргинализираните групи, кои мака мачат да дојдат до парче леб. Погледите што беа упатувани кон мене додека седев на парчето картон и просев за парче леб беа полни со презир, супериорност и гадење.

Откако на плоштадот „Македонија“ го испитував теренот, заедно со фоторепортерот Дарко Андоновски решивме дека најдобрата опција е да се сместиме на улицата Македонија каде што всушност има и најголема фреквенција на луѓе. Во едната рака го држев картонот додека во другата ми беше пластичното канче во кое луѓето ми фрлаа пари. Се обидов да ја најдам најзгодната позиција, но иако сонцето ми удираше во очите решив да седнам веднаш наспроти Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Во првите дваесетина минути буквално ништо не се случуваше. Луѓето ме одминуваа, ќе фрлеа понекој поглед и продолжуваа со секојдневниот живот исто како да не постојам. На неколку од нив се осмелив да им побарам цигара, но иако зборовите излегуваа од мојата уста, се чувствував како да сум нем. Воопшто не ни сакаа да ме слушнат што зборувам.

По половина час седење на сонце ми пријде една повозрасна госпоѓа, која ми купила проја

Само што помислив дека сме ги погребале моралот и хуманоста, се случи интересен пресврт. По половина час седење на сонце ми пријде една повозрасна госпоѓа, која ми купила проја. Ми рече дека е свежа и да ја изедам што побрзо. Тоа беше првиот знак дека сепак хуманоста не исчезнала од овој град. Набрзо потоа поминаа две жени, кои ми оставија железни парички. Нормално, во целата ситуација не изостанаа и оние што со погрдни зборови се обидуваа да ме истераат од местото. На мое големо изненадување двапати тоа беа зборови изговорени од повозрасни лица, кои можат да ми бидат баби или дедовци. „Срамота е да просиш на овие години“, „Тебе никогаш не би ти дала пари“, „Види се на што личиш бе тргни се од тука“, беа само некои од коментарите што луѓето ги упатија кон мене.

Факт е дека кога целата ситуација ќе се доживее од прва рака сѐ е многу поразлично. Самото тоа што седите на земја и ги гледате луѓето оддолу ви дава некое чувство на инфериорност и немоќ, за разлика од оние што ве гледаат одгоре. Набрзо потоа помина и едно момче на триесетина години, кое ми остави десет денари, но ги фрли со толкава сила што паричката буквално се одби од асфалтот двапати. Небаре фрла коска на куче. И покрај таквото однесување културно се заблагодарив, а момчето продолжи по својот пат.

Вториот ден сликата беше речиси идентична со тоа што веќе ми беше позната улицата, начинот на движење на луѓето, па и нивните реакции беа речиси идентични.

Сепак изненадувањето се случи пред крајот на денот.  Сонцето полека се повлекуваше, а луѓето полека се проретчија. Токму во моментите кога мислев да си заминам од местото, помина една жена, која ми остави цели сто денари. Мора да се признае дека бев мошне затечен во ситуацијата, затоа што не очекував дека некој ќе ми остави толкава сума пари.
Деновите минуваа, луѓето главно поминуваа и оставаа по нешто ситно, а јас не обрнував внимание на тоа колку пари има во моето пластично канче. Поважно ми беше да ги следам нивните реакции.

На тоа место поминуваа и некои познати лица, а еден од нив беше и поранешен министер за труд и социјала, кој иако ме погледна, немаше никаква реакција.

По неколку дена, кога веќе фреквенцијата на луѓето беше при самиот крај, јас и фоторепортерот решивме дека е време да си одиме од местото и да продолжиме со експериментот на наредната локација според планот. Додека тој се движеше пред мене, јас полека го следев и ги гледавпогледите на луѓето и коментарите што ги упатуваа. Некои од нив веќе ги спомнав, но другите ќе ги задржам за себе.

На тоа место поминуваа и некои познати лица, а еден од нив беше и поранешен министер, кој иако ме погледна, немаше никаква реакција

Последниот ден од престојот на најфрекфентната скопска улица пред да влеземе во автомобилот, сакав да видам како би реагирале сопствениците или, пак, вработените во угостителските објекти во строгиот центар на градот.
Резултатот беше поделен, во дел од кафулињата во кои влегов да побарам вода, не ми направија никаков проблем, додека во други љубезно ме замолија да си заминам.

Ова беше само почетокот од нашето новинарско истражување, како се однесуваат луѓето кон тие што се маргинализирани и имаат потреба од помош. Во следните броеви ќе бидат презентирани доживувањата и размислувањата од другите ликации од ова истражување.

Како што вели психологот Лидија Зорба, луѓето што во семејството научиле да се грижат за себеси и за блиските покажуваат повеќе емпатија од луѓето за кои некој постојано се грижел.

– Емпатијата или сочувствувањето со другите е нешто што најчесто се учи уште во најраното детство. Тоа е способност да се ставиме на местото на другиот и да почувствуваме како тој или таа се чувствува. Луѓето што во семејството научиле да се грижат за себеси и за блиските покажуваат повеќе емпатија од луѓето за кои некој постојано се грижел, но не научиле како да се грижат и да им помагаат на блиските – вели Лидија.

Според неа, перцепцијата е различна кај различни луѓе, за некого тоа е начин да се преживее додека за некого само начин да се дојде до лесна заработувачка.

– Од друга страна, перцепцијата за питањето е различна кај различни луѓе – некои тоа го сфаќаат како начин да се заработи без труд, а други како краен облик на беспомошност и очајнички обид за преживување – додава Лидија.
За крај вели дека питањето е однесување што во социјална држава не би требало да се прифати како нормална појава.

– Во основа, питањето е однесување што во социјална држава не би требало да се прифаќа како нормална појава, туку тоа би требало да биде аларм за службите за социјална работа и за општеството за обезбедување достоинствени услови за живот за категориите граѓани што се нашле во ситуација да не можат или не знаат како да преживеат – вели нашата соговорничка.

(Продолжува)

Фото: Дарко Андоновски
Фото: Дарко Андоновски
Фото: Дарко Андоновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *