Продолжува поддршката на општина Македонска Каменица за лицата со посебни потреби

Вечерва, по повод претстојниот Меѓународен ден на лица со посебни потреби – 3ти Декември, во организација на Хуманитарното здружение “Бели Гулаби” – Македонска Каменица се одржува настан од хуманитарно забавен карактер.

Настанот е поддржан од општина Македонска Каменица и Рудник САСА.

На присутните им се обратија градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова која во краткиот поздравен говор до присутните нагласи дека “и во иднина се надева на зголемување на соработката помеѓу локалната самоуправа и лицата со посебни потреби и интензивирање на соработката со повеќе здруженија и хуманитарни организации кои работат на надминување на нивните секојденевни бариери. Социоекономското етаблирање на лицата со посебни потреби во општеството, ќе продолжи да се развива и преку работата на новотворениот Дневен центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица. Тоа е голем успех за нас како локална самоуправа, при што се надеваме дека со работата на Дневниот центар, во иднина ќе ви овозможиме социјална, економска и културна заштита и развој, како и ваша целосна лична инклузија во општеството.

Градоначалничката Стаменкова ја искористи приликата и директно да ги поздрави и да им се обрати на присутните лица со посебни потреби и нивните родители со зборовите: “ Во овој поделен свет, тие се најединствени. Следејќи ги потешкотиите и бариерите со кои се соочувате во секојдневниот живот, Вие не сте лица со посебни потреби, напротив, како што ви кажав и минатата година, Вие и вашите семејства сте лица со посебни способности и ја заслужувате секоја почит и поддршка од средината и институциите”. Жалам што заради зголемените обврски, не сум во можност да бидам почесто во друштво со Вас, но знајте дека Вие со вашата искреност кон светот и сплотеност, секогаш стѐ и ќе бидете со мене”.

На присутните гости им се заблагодари за присуството и претседателката на Хуманитарното здружение “Бели Гулаби” од Македонска Каменица, Наташа Џавелекова која ја искористи приликата да се заблагодари за огромното присуство на хуманитарниот традиционален настан. Додаде дека секојденвната борба за подобар живот на штитениците во здружението и Центарот продолжува преку организирање разни проектни и програмски активности и учество во уште повеќе слични настани. Ја поздрави соработката со локалната самоуправа на чело со градоначалничката Соња Стаменкова и Рудник САСА, како главни помагатели и пријатели на проектите на “Бели Гулаби”.

Општина Македонска Каменица, како врвен приоритет во својата Програма за работа ја има имплеметирано важноста од достапност до физичка, социјална, економска и културна околина. Постојаната поддршка кон лицата со посебни потреби, како Општина се изразува секојдневно и перманентно во текот на целата година, со постојана поддршка на проектите и програмите кои се остваруваат преку помагањето на проекти и програми во рамки на Дневниот центар за лица со посебни потреби и блиската и искрена соработка со хуманитарните здруженија и организации во градот и регионот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *