Тоа го соопшти неговиот клуб Феникс кој објави дека по завршувањето на сезоната, кога и да се случи тоа за тимот од Гази Баба, ветеранот заминува во пензија.
„Последен танц на великанот! Сезоната 2023/24 за нашиот сениорски тим може да заврши уште на денешниот трет натпревар од четвртфиналната серија против Работнички, а тоа воедно ќе означи и крај на една ера во македонската кошарка со пензионирање на големиот Бојан Трајковски“, стои во соопштението на Феникс.
Бојан Трајковски е наш поранешен сограѓани, роден во 1986 година, во нашиот град Македонска Каменица. Зад себе има богата кариера која трае повеќе од две децении. Почна во Балкан Стил, а речиси да нема клуб во Македонија во кој не играл – од Работнички, Фени Индустри, Торус, Лирија, Куманово, до Карпош Соколи, МЗТ Скопје, Гостивар, Кожув, Пелистер и последните две години Феникс. Има пет шампионски титули од кои три со Работнички и две со Фени Индустри и шест трофеи во Купот на Македонија, три со Работнички, еден со Фени Индустри и по еден со Карпош Соколи и МЗТ Скопје. Освен тоа, оствари и интернационална кариера, во Полска, Косово и Унгарија и притоа освои титула во Балканската лига.
Долго време беше репрезентативец на Македонија за која настапи и на Европското првенство во 2015 година.