ЗАВРШИ СОНОТ НА ВАРДАР

 

Македонскиот првак Вардар го заврши сонот за настап во Лигата на шампионите. Во вториот меч „црвено-црните“ не успеаја да ја сочуваат минималната предност од Скопје (1-0) и во Копенхаген загубија со 4-1 (2-1).

На резултатот влијаеја последните дваесетина минути од мечот, кога Седлоски фрли се на една карта, а исто така, влијаеја и грешки на голманот Гачевски. Вардар во моментите кога прими два гола имаше и играч повеќе, но сепак, тоа не успеа да ги смени настаните на теренот. Поради поразот, Вардар се сели во плеј-офот од Лигата на Европа, каде го чекаат уште два европски меча до пласман во групната фаза.

Тимот на Седлоски го отвори натпреварот доста отворено, а противникот го искористи целиот простор и во 2. минута по едно лошо исфрлање на одбраната, топката заврши кај Грегуш, кој со ефектен удар од 25 метри ја затресе мрежата на Вардар, за отворање на резултатот.

Втората шанса на мечот пристигна дури во 18. минута, кога Андрија Павловиќ ја погоди пречката на Вардар, а казната за пропуштеното дојде минута подоцна, кога репрезентативецот Бобан Николов погоди за изедначување и ја продолжи одличната гол-серија, со трет гол на четвртиот европски меч. Фудбалерот од средниот ред се најде осамен во шеснаесетникот откако доби топка од Барсегјан и лесно погоди за вардарова радост на „Паркен“.

Радоста на вардарци траеше премногу кратко, затоа што во 26. минута следеше несреќен автогол. По еден корнер кој го изведе Бенџамин Вербиќ, топката удри во Тирган Барсегјан, па заврши во мрежата на Гачевски. Копенхаген замина со минимална предност на полувреме (3-1), а двата тима тргнаа доста пасивно на стартот на вториот дел.

По еден груб прекршок, Копенхаген остана во мечот и со играч помалку. Во 71. минута исклучен беше стрелецот на првиот гол Јан Грегуш, поради втор жолт картон, но сепак, и тоа не беше пречка во 75. минута домаќинот третпат да ја стресе мрежата на вардарци. По една грешка на Гачевски, погодок постигна Федерико Сантандер, за водство од 3-1.

Седлоски фрли се на една карта, во игра ги внесе Џигаури и Блажевски, но сепак, и тие не помогнаа. Додуша, Блажевски имаше одлична можност да погоди за 3-2, но сепак голманот Олсен го прочита неговиот удар. Во наредниот напад Гачевски беше невнимателен, направи пенал, кој го реализираше Сотириу, за крај на сонот за прв македонски тим во Лигата на шампионите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *