Внимателно на патот Штип – Велес

Ветерот прави проблеми на екипите на ЈП „Македонија пат” на патот Велес-Штип во овчеполскиот регион. Раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат”-Штип , Кире Коцев вели дека кај селата Сарамзалино и Павлешинци поради силниот ветер на коловозите се прават и наноси од снег, но екипите се постојано на терен и ги расчистуваат, за да се одвива сообраќајот во зимски услови.

Тој забележува дека и синоќа имале пример, кога тешко моторно возило поради немање зимски гуми, односно опрема застанало на коловозот меѓу селата Лозово и Сарамзалино, но сообраќајот не бил попречен и се одвивал без проблеми.

-Заедно со полицијата успеавме да го тргнеме настрана. Затоа по кој знае кој пат ќе повторам дека во вакви зимски услови на пат не се тргнува со летни гуми, а брзината се прилагодува на условите на патот, вели Коцев.

Тој истакна дека се ангажирани сите камиони, а на патиштата во источна и југоисточна Македонија се фрлени околу 150 тони сол и 300 м/3 ризла. Се чистат само патиштата од прв приоритет.

Коцев кој е најискусниот инженер во регионалната подружница на ЈП „Македонија пат” – Штип и ги познава сите патни правци и проблеми, коишто можат да се појават на нив забележува дека и со старата механизација можат да се справат со проблемите, но оти, според него, државата под итно треба да размислува за набавка на нови машини.

-Убаво е што се градат нови патишта, но со нивната изградба треба да се размислува и за набавка на нови машини. Во моментов нашата механизација е стара, постојано ја поправаме и ја одржуваме. Сепак ќе кажам и во такви услови еве успеваме да ги одржуваме патиштата. Но, мора  да се размислува и да се набават нови машини, за да се одржуваат и новите патишта кои се градат во источна и југоисточна Македонија, вели Коцев.

Сообрачајот на патиштата во источна и југоисточна Македонија се одвива во зимски услови.

Извор:МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *