Вардар ја победи Барса за финале со голот на Лука Циндриќ

Со  голoт на Лука Циндриќ на три секунди пред крајот, ракометарите на Вардар влегоа во финалето за шампион на Европа.

Ова е најголемиот успех на македонскиот машки ракомет.

Во еден тежок меч, кој што беше изедначен во сите 60 минути, вардарци имаа нерви во последниот напад да постигнат гол и утре да ги измерат силите во финалето со Парис Сен Жермен. Самиот резултат 26:25 покажува колку беше изедначен мечот.

Вардар дебитира на финалните натпревари за шампион на Европа, но во мечот со тимот кој има најмногу титули се покажа позрел и тактички поподготвен.

Лука Циндриќ беше херојот на овој меч, затоа што го постигна последниот и најважен гол. Но, уште најмалку двајца играчи во целиот извонреден тим му ја донесоа оваа сензационална победа на Вардар: голманот Арпад Штербик и десниот бек Алекс Душебаев.

Иако на почетокот на натпреварот Вардар играше малку згрчено, бидејќи ова е дебитантски настап, потоа со постојаните ротации на играчите тимот го фати вистинскиот ритам и речиси постојано беше во предност.

Вардар покажа вистинска зрелост. Таа беше градена сиве овие години во настапите на Лигата на шампионите, сега дојде до израз во завршните натпревари во Келн. Утре го чека можеби уште потежок меч, против Парис Сене Жермен, кој во другото полуфинале го победи Веспрем исто така со еден гол разлика 27:26.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *