ЌЕ БИДЕ ТЕШКО ЗА КАРТИ НА ПРЕТСТОЈНОТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ХРВАТСКА

Словенечката публика важи за една од побројните на гостувањата каде игра нивната репрезентација. Во прилог на тоа им оди и што Европското 2018 во јануари ќе се игра во соседна Хрватска па за очекување е „Змајчеки“ да имаат страшна поддршка.

Од друга страна, нашата верна „Фаланга“ која веќе традиционално ги бодри нашите репрезентативци од Катар па до Данска, ќе треба да се помачи за карти затоа што на официјалната страна за продажба на влезници, за мечот Македонија – Словенија за продажба се останати уште само 87 карти.

Загрепската Арена собира околу 15.300 гледачи, а картите по сè изгледа не се купувани само од навивачи, туку голема е веројатноста да ги откупувале голем број туристички агенции од земјава, затоа што веќе излегоа со понуди за превоз, престој и карта во Хрватска во првиот месец од 2018-та.

Проблемот се јавува за оние навивачи кои во приватна режија би сакале да одгледаат, една, или две средби затоа што агенциите ти даваат „земи или остави“ понуда со четири ноќевања и влезници за трите натпревари во групата (13, 15 и 17 јануари).

За проблематиката да биде поголема, најевтините карти за местата најгоре во салата чинат 150 хрватски куни односно 1.200 денари (20 евра) а такви влезници речиси и да нема. Другите карти за поубавите делови од трибините чинат по 1.600 денари (200 куни) и 3.200 денари (400 куни).

Кога ќе се прочепка сајтот за онлајн продажба на влезници може да се види и дека за мечот Македонија – Црна Гора (15 јануари понеделник) останале уште 110 карти а за мегданот со Германија 200 карти но сите за 400 куни. Олеснителна околност е што картите се блок па ќе може да се гледаат два натпревари кои се дента на програмата.

Агенциите очигледно решиле да заработат добро од оваа прилика па на пример има и такви кои нудат смесстување и превоз без влезници за 210 евра (13.020 денари). Аранжманите со вклучени карти за натпреварите изнесуваат од 270 до 300 евра па „ко воли нек изволи“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.