Ѕвегорските суроваскари и годинава на Василица ќе го бркаат злото од Пијанец

Во делчевското село Ѕвегор сè е подготвено за годинешното издание на обичајот под маски „Сурва“ кој традиционално се одржува на 14 јануари, ден кога се прославува Василица. Годинава шеесетина суроваскари ќе го бркаат злото од Пијанец со што ја зачувуваат автентичната традиција на весела свадбена поворка. Тие извикувајќи „Сурова“ ги благословуваат домаќините за зелена, здрава Стара Нова година, облечени и маскирани во традиционалните маски.

 Во свадбената поворка која тргнува рано наутро, се задолжителните ликови на невестата и младоженецот, белаците, бабите, мечкарите во Ѕвегор, тие не одминуваат ниту една куќа и задолжително ја играат улогата на ликот кој го претставуваат. Така, еротските игри асоцираат на плодноста, старите баби и мечкарите им помагаат на болните, а се црнат присутните и гостите за здравје. Белаците се војска кои со дрвени сабји и пушки ја чуваат невестата, за да не биде предвреме откриена. 

Согласно со Програмата, танцот на суроваскарите започнува рано наутро со подготовки на маските, а од 9,30 ч се посетуваат сите домови во селото Ѕвегор, од 13.00 ч започнува презентацијата на маските и дарувањето, а главната вечера на годинешната свадба е закажана за во 19.00ч.,кога  ќе се открие несветата и ќе паднат сите маски од годинешната Сурова.

Организацијата на настанот е на кумовите на годинешната „Сурова“, Давид Захариев и Дарио Ивановски со поддршка на спонзори и од Општина Делчево.

Кумовите и Општина Делчево ги канат сите добронамерници да го посетат Ѕвегор на Василица и да бидат сведоци на театарот на отворено и дел од овој несекојдневен локален обичај под маски кој трае со векови во с. Ѕвегор и кого етнолозите го нарекуваат и Пијанечко Вевчани.

Leave a Reply

Your email address will not be published.