Химната на Македонија ќе се интонира еднаш неделно во училиштата и пред секоја седница на Советот на Општина Кочани

Македонската државна химна ќе се интонира еднаш неделно на почетокот на работната недела во основните и средните училишта, како и пред секоја седница на Советот на Општина Кочани.

Паралелно со тоа, во училиштата во кои има техничка можност, на јарбол ќе се подига и државното знаме.

Едногласна одлука за ова беше донесена на денешната седница на општинскиот Совет, по одделни предлози на двајца советници, со образложение дека со овој чин се оддава почит кон државните обележја и кон татковината.

-Сметам дека со интонирањето на химната, секој понеделник пред почетокот на наставата во училиштата, ќе им овозможиме на најмладите да стекнат навика за почит кон државните симболи, а со тоа и кон родната земја. Градоначалникот и Советот упатуваат препорака до раководителите на образовните институции во кои има техничка можност, химната да се пушта на почетокот на првиот час, истакна Гоце Марков, член на Советот на Општина Кочани.

Како дополнување на препораката, беше предложено и Советот да ја применува истата практика веќе од наредната седница.

-Ние како советници треба да се вклучиме во оваа иницијатива и да бидеме пример пред помладите со интонирање на химната на почетокот на секоја седница. Во салата каде што се одржуваат седниците на Советот ги имаме и државното и општинското знаме, така што со химната тие ќе добијат посвечен момент, но и достоинственост со почитувањето на државните симболи, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.

По образложението за предлозите, од општинската администрација нагласија дека нема законски пречки за носење позитивна одлука, со што таа наскоро ќе почне да се применува во училиштата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *